Свет
Во Дамаск почна реставрацијата на aнтичките плитки релјефи од Палмира
Експертите од Националниот музеј во Дамаск почнаа со реставрација на aнтичките плитки релјефи од Палмира делумно уништени од милитантите на терористичката Исламска држава, изјавидиректорот на музејот, Оман Саад, пренесува ТАСС.
„Овие делови беа донесени од Палмира по првото ослободување, кога сириската армија го ослободи градот и ги транспортира сите овие делови во музејот. Како што можете да видите, сите овие скулптури биле уништени од милитанти на ИД. Пред ИД да ја заземе Палмира, бевме таму и зедовме дел од скулптурите заради безбедност, меѓутоа некои останаа таму. Кога дојде ИД, почна да ги уништува преостанатите скулптури, најпрво осквернувајќи им ги лицата, а потоа и останатите скулптури. Сега, тим експерти пристигна во Дамаск за да почне реставрација “, рече Саад.
Специјалистите ги разгледуваат старите фотографии за да ги обноват уништените уметнички дела, користејќи варовник донесен од Палмира.
Реставрацијата е финансирана единствено од сириската влада, без помош од меѓународните организации како УНЕСКО.
„Според мое мислење, ова е политичко прашање. Претходно, во 2014 и 2015 година, тие помогнаа, но сега не добиваме помош. Ова се однесува не само на УНЕСКО, туку и на други мисии кои работеле тука. Многу нмалку организации помагаат сега “, истакна Саад.
Саад не беше во можност да го одреди точното време на процесот на реставрација. Според него, процесот може да се забрза со помош на меѓународната заедница.
„Тешко е да се каже, потребна ни е помош од сите што можат да ја обезбедат – различни мисии, сите заинтересирани за одржување на културното наследство. Телевизиите и списанијата секогаш ја истакнуваат важноста на одржувањето на локалитетите од културното наследство, но тоа не го гледаме во пракса, нема помош”, заклучи тој.
Палмира, честопати нарекувана Невеста на Сириската пустина, била значаен центар на трговијата и културата на крстопатот на трговските патишта во античките времиња. Таа го достигна својот зенит во 1. и 2. век од нашата ера. Голем број славни архитектонски споменици се однесуваат на тој период.
УНЕСКО ја стави Палмира на својата листа на светско културно наследство. Исламските милитанти кои ја контролираа Палмира од мај 2015 до март 2016 година и од декември 2016 до март 2017 година, уништија голем број антички споменици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Џакарта повеќе нема да биде главен град на Индонезија
Парламентот на Индонезија одлучи поранешната метропола Џакарта да остане економски центар на земјата како дел од планот за преселување на главниот град на островот Борнео.
Индонезија планира да го пресели својот главен град од преполната Џакарта во Нусантар, град вреден 32 милијарди долари кој се гради во џунглите на Источен Калимантан, Борнео.
Градот е водечки проект на претседателот во заминување Јоко Видодо, кој вети подобра дистрибуција на богатството и развој низ архипелагот, не само на островот Јава.
Министерот за внатрешни работи Тито Карнавијан по дебатата во парламентот рече дека Џакарта сè уште ќе треба да се развива понатаму за да се натпреварува со другите „градови од светска класа“ откако седиштето на владата се пресели во Нусантара.
„Откако повеќе не е главен град, Џакарта сепак мора да има печат на посебен град за да може да го забрза економскиот раст и да го зголеми својот придонес во БДП на земјата“, рече тој.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на Телеграм: „Се повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во моментов не се планира блокирање на социјалната мрежа Телеграм во Русија.
„Не, во моментов нема такви планови“, изјави Песков за каналот Шот на прашањето дали Русија планира да го блокира Телеграма.
Тој додаде дека основачот на таа платформа Павел Дуров треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација, се повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Како што изјави во средата за РИА Новости, извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на Телеграм, Глас Хорасан, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на Државната дума од Обединета Русија Олег Морозов денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на Телеграм кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, „варварска“ кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне Цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле „масакрите“ во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа Запорожје и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментов разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата „варварска“ кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.