Европа
Во Европа зголемена побарувачката за велосипеди
Како што мерките за ограничување на движењето во Британија и Европа се олеснуваат така расте побарувачката за велосипеди. Линколн Ромен, директор на „Brixton Cycles“, тврди дека навалицата е толку голема што нивните резерви се потрошени.
„Кај нас доаѓаат различни клиенти. Оние кои и порано патувале со велосипед на работа, оние кои никогаш не го сториле тоа и немаат велосипед. Има и такви чиј велосипед собирал прашина во подрум и има потреба од сервис”.
Откако ги попуштија мерките, Велика Британија и другите земји ги охрабруваат луѓето да избегнуваат јавен превоз при враќање од работа. Секретарот за транспорт, Грант Шапс, вели дека многумина послушале.
„Милиони луѓе го откриваат велосипедизам за време на кризата, без разлика дали тоа е само за вежбање или како средство за безбеден превоз што овозможува физичко растојание“, рече тој.
Британската влада објави дека ќе инвестира милиони фунти за проширување на постојните велосипедски патеки или за создавање нови.
Велосипедизмот стана тренд во Европа. Во Барселона, употребата на велосипедски патеки е зголемена за 325 проценти, вели првиот човек на градската канцеларија за урбано планирање, Џенет Санц.
Затоа, градот ќе додаде 21 километар на постојните патеки за велосипеди. Берлин додава 22 километри, а Брисел 40. Во Франција, Париз, Ница, Лил и Нант веќе најавија нешто слично. Дури и Италија, земја со најмногу автомобили по глава на жител, се враќа на велосипедот.
Најмалку 150 километри велосипедски патеки ќе бидат изградени во Рим, град познат по својата непрактичност и опасност за велосипедистите.
Ова значи дека овој економски сектор ќе излезе побогат од оваа криза. „Продажбата на велосипеди, особено електричните, нагло се зголеми по повторното отворање на продавниците“, велат во австриската стопанска комора.
Француската компанија „Гоу спорт“ во изминатите недели бележи 300 проценти поголема продажба на интернет. Во Велика Британија, однапред беа продадени 20.000 велосипеди, соопшти здружението за трговци АКТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.