Свет
Во Кина за првпат од јануари нема регистрирани смртни случаи од корона
За првпат од јануари, Кина забележа ден без смртни случаи од коронавирус.
Во последните 24 часа во земјата има регистрирано само 32 нови случаи на Ковид-19, а во сите овие случаи заразени се луѓе кои доаѓаат од странство.
Забележани се 30 асимптоматски случаи.
Бројот на зразени без симптоми на коронавирус во Кина се зголеми во последните неколку дена, до тој степен што остануваат на сила рестриктивните мерки.
До крајот на неделата беа пријавени 74 вакви нови асимптоматски случаи, објави во понеделникот Националната здравствена комисија.
Откако Кина успешно се справи со заразата во провинцијата Хубеи и главниот град Вухан, самиот извор на глобалната пандемија, сега се соочува со увезени случаи.
Станува збор за кинески државјани кои претежно се враќаат од Европа и САД, а некои од нив се заразени иако немаат видливи симптоми на болеста, но можат да го пренесат вирусот.
Севкупно, во моментов има речиси 740 заразени лица под медицински надзор во Кина, кај кои нема симптими на вирусот.
Планирано беше на жителите на Вухан да им се даде дозвола за патување на 8 април, првпат откако градот беше затворен во јануари, но поради претпазливост овој рок ќе биде пролонгиран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Мексико нападната шефицата на полицијата на автопат, ѝ ја отсекле главата
Мексиканските власти вчера објавија дека една шефица полицајка и нејзините двајца помошници биле убиени при напад на автопат во државата Мичоакан. Агенцијата за државна безбедност на социјалните мрежи објави дека тројца полицајци биле убиени за време на должноста во неделата вечерта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Меѓу нив беше и Кристал Гарсија Хуртадо, регионален полициски командант. Локалните медиуми јавија дека напаѓачите ѝ ја отсекле главата.
„Го осудуваме кукавичкото убиство на нашите колеги од полицијата, кои беа брутално нападнати додека ја извршуваа својата должност“, се вели во објавата на социјалните мрежи, во која се идентификувани другите две жртви како Ицел Мадеро Лареа и Давид де Хесус Еспиноза Валдез.
Нападот се случил на автопатот што ги поврзува градовите Пацкуаро и Уруапан. Државното обвинителство на Мичоакан, кое ја води истрагата, веднаш не го коментира инцидентот. Мичоакан има голем проблем со конфликтите меѓу бандите. На почетокот на овој месец тројца земјоделци беа разнесени со бомба.
Тоа се случи само неколку дена откако претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор призна дека импровизирана експлозивна направа убила најмалку четворица војници, во, како што рече, стапицата што веројатно ја поставил картелот Мичоакан. Во февруари двајца кандидати за градоначалник на градот Мараватио беа убиени за неколку часа еден од друг.
Свет
Лојд Остин: Нема да дозволиме Украина да пропадне
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина изјави дека Вашингтон нема да дозволи Украина да пропадне.
„САД нема да дозволат Украина да пропадне. Оваа коалиција нема да дозволи Украина да пропадне“, рече Остин на почетокот на состанокот на претставниците на 50-те земји, кои обезбедуваат воена помош за Украина, пренесува „Ројтерс“.
Средбата се одржува во американската воена база во Рајмштајн, Германија.
Свет
ЕУ воведе санкции за 30 руски функционери што се сметаат за одговорни за смртта на Алексеј Навални
Земјите од ЕУ ќе воведат санкции против 30 руски функционери поради смртта на водечкиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални“, изјави Жозеп Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пишува „Евроњуз“.
Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во арктичкиот затвор во февруари, каде што беше задржан во тешки услови.
Официјални лица рекоа дека Европската Унија ќе ги следи Соединетите Држави и Велика Британија во наметнувањето забрани за патување и замрзнување на имотот на руските службеници одговорни за третманот на Навални.
Имињата на санкционираните од ЕУ ќе бидат објавени во наредните денови.
Договорот за санкционирање на одговорните за смртта на Навални доаѓа откако рускиот лидер Владимир Путин освои нов шестгодишен мандат на изборите што Западот ги означи како наместени.
Навални стана познат за време на масовните продемократски протести во Русија во 2011-2012 година. На критичарот на Кремљ му беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2018 година поради пресудата за измама што САД и ЕУ ја критикуваа како политички мотивирана.