Свет
Во Кина околу 6.000 заболени од бруцелоза
Повеќе од 6.000 луѓе во Кина заболеле од бруцелоза, бактериска инфекција која има симптоми слични на грип.
Болеста избувна во северозападна Кина и обично се јавува преку контакт со животни, а најчесто се пренесува од овци, кози, мачки, свињи, а во некои земји и од кучиња, пренесува „Ројтерс“.
Ширењето на болеста почна во кинеската провинција Гансу, а многу заболени завршиле во болница.
Луѓето обично ја добиваат оваа бактерија во контакт со животни или производи од животинско потекло, како што се непастеризирано млеко или сирење или со вдишување аеросоли.
Бактеријата многу ретко се пренесува од човек на човек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Воен авион се запали и се урна во Алјаска, загинаа две лица
Две лица загинаа кога авион со гориво се запали и се урна во близина на меѓународниот аеродром Фербенкс на Алјаска, соопштија властите.
Еден од двајцата пилоти во авионот кој превезувал гориво непосредно пред падот пријавил дека авионот се запалил пред да се урне и изгорел во близина на аеродромот, пренесува АП.
Шефот на регионалната канцеларија на Националниот одбор за транспорт на Алјаска, Клинт Џонсон, рече дека пилотот остварил радио контакт веднаш по полетувањето.
„Тие се обидуваа да се вратат на меѓународниот аеродром Фербенкс кога изгубија контакт“, рече тој.
Авионот полетал од Фербенкс и се урнал на околу 11 километри јужно во реката Танана, удирајќи во стрмен рид и се лизнал од насипот до брегот на реката, изгорејќи целосно. Авионот превезувал 3.200 галони (12.100 литри) мазут за Кобук, село Инупија со помалку од 200 луѓе, сместено на околу 480 километри северозападно од Фербенкс.
Федералната управа за авијација го идентификуваше авионот како Douglas DC-54, (DC-4), воен авион користен за време на Втората светска војна.
Свет
Лукашенко: Украина наскоро ќе престане да постои ако не се согласи на преговори
Украина наскоро ќе престане да постои доколку не се согласи на преговори, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко на седницата на Националното собрание на Белорусија.
Тој додаде дека сега е најдобрата ситуација за склучување мир во Украина, бидејќи ако Киев не почне сега да преговара, ќе ја загуби својата државност, пренесува Спутник.
Според него, ситуацијата на украинскиот фронт во моментов е во ќорсокак и се создадени услови за мировни преговори.
Лукашенко оцени дека договорите постигнати на преговорите во Истанбул минатата година можат да станат почетна точка за преговори.
Осврнувајќи се на уште еден пакет американска помош за Киев, белорускиот лидер истакна дека американската помош од 60 милијарди долари за војната во Украина е најважниот фактор за ескалацијата.
„Западот го претвори Киев во наркоман, кој го држи на краток синџир со ветувања за ново оружје и финансирање“, посочи Лукашенко.
Според него, на вооружените сили на Украина им недостига само муниција, туку и жива сила.
Тој истакна дека тие пари САД морале да ги испратат во Киев, бидејќи тоа е шанса да ги ослабат Москва и Минск.
„Затоа ќе испорачуваат ракети и други работи. Но, им недостасува работна сила. Луѓето бегаат од војна“, нагласи белорускиот лидер.
Лукашенко, исто така, коментира дека Вашингтон ја интензивирал работата на проверка на подготвеноста за употреба на компонентите на нуклеарната тријада и нивната модернизација.
„Ако Русија го искористи целиот свој арсенал како одговор на акциите на Западот, ќе дојде до апокалипса“, оцени Лукашенко.
Свет
(Видео) Хамас објави снимка од заложник киднапиран пред 200 дена, му недостасува дел од раката
23-годишниот Херш Голдберг-Полин беше киднапиран на музички фестивал кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври и сега се појави на видео објавено од милитантната група. На видеото се гледа дека му недостасува подлактицата на левата рака. Сведоците претходно раскажаа како бил повреден кога се обидел да фрли граната во засолниште во кое се криеле луѓе.
Тој наводно ја користел својата кошула за да го запре крварењето, пред да биде киднапиран од Хамас. Во видеото, 23-годишникот го критикува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада, велејќи дека треба да се „срамат“ што не обезбедуваат ослободување на заложниците.
Тој тврди дека Израелците убиле „околу 70 заложници“ во бомбардирањата, додека останатите живеат во „подземен пекол без вода, храна и сонце“. 23-годишното момче на видеото е облечен во црвена кошула. Видеото завршува со порака до сопствените родители, во која им порачува „останете силни“ и дека „многу ги сака“, пренесува Sky News.
Набрзо се јавија и неговите родители.
„Те сакаме, остани силен, опстани“, рекоа тие.
Џон Полин вели дека е среќен што имал шанса да го слушне гласот на својот син за прв пат по повеќе од 200 дена.
„Среќни сме што го видовме жив, но сме загрижени и за неговото здравје, како и за сите други заложници и сите оние кои страдаат во овој регион“, рече тој.
Тој ги повика земјите вклучени во мировните преговори „да бидат храбри да го искористат овој момент и да постигнат договор за секој да може повторно да се обедини со своите најблиски и да стави крај на страдањата“.