Свет
Во Москва започнаа принудните неработни денови
Во Москва започнаа принудните неработни денови, кои, според претходната најава на градоначалникот Сергеј Собјанин, ќе траат речиси недела и половина за да се спречи ширењето на коронавирусот.
За време на неработните денови во градот ќе биде прекината работата на сите фирми и организации. Исклучок ќе бидат институциите кои обезбедуваат функционирање на инфраструктурата на главниот град, а од услужните дејности ќе бидат отворени само продавниците за основни производи и аптеките.
Нема да работат рестораните, кафулињата, салоните за убавина, спа и салоните за масажа, солариумите, бањите и сауните, спортските комплекси, фитнес-клубовите и базените.
Од 28 октомври до 7 ноември учениците нема да одат на училиште, ниту ќе работат градинките, но ќе се организираат дежурни групи за децата кои немаат со кого да останат дома.
Театрите и музеите ќе продолжат да примаат посетители и во неработните денови, но под услов да не бидат исполнети повеќе од 50 проценти од капацитетите.
Сепак, кината, концертните сали, местата за забава, библиотеките и циркусите ќе бидат затворени. Нема да има масовни културни, забавни, спортски, рекреативни и други активности.
Исклучок се настаните што се одржуваат со одлука на државните органи или во договор со московските институции.
Русија денеска објави 1.159 смртни случаи од Ковид-19 во последните 24 часа, што е најголем број досега. Регистрирани се 40.096 нови случаи на заразени, исто така најмногу од почетокот на епидемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко: Исходот од претседателските избори во Русија е сериозен сигнал за Западот
Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ги коментираше резултатите од претседателските „избори“ во Русија.
„Исходот од претседателските избори во Русија е сериозен сигнал за Западот, кој сметаше на протресување на ситуацијата во Русија одвнатре. Тие не можеа да го направат тоа на првата линија, па се обидоа да го направат тоа одвнатре, но и тие не успеаја“, рече Лукашенко, цитиран од државната агенција „БелТА“.
Лукашенко рече дека никој не може да ги принуди луѓето на Белорусија и Русија на ништо.
Тој се пофали како изборниот процес во Русија е добро организиран. „Природно, претседателот Путин мораше да работи многу, видовте. Тој неуморно патуваше низ цела Русија, посетуваше различни места и одговараше на виталните прашања на рускиот народ.
Процесот на планирање и селекција беше совршен. Има многу да се научи. Сите беа мобилизирани и консолидирани. Луѓето се патриоти и резултатот е совршен. Ова е лекција за нас“, рече претседателот на Белорусија.
Свет
Драма на лет за Лондон: Патник се обидел да се убие во тоалетот на авионот
Пилотот на авионот принудно слетал откако патник наводно се обидел да се самоубие за време на летот.
Патувањето од Бангкок до Лондон завршило драматично, откако стјуардесите наишле на страшна сцена. Наводно патникот бил пронајден во тоалетот во моментот кога се обидувал да стави крај на животот, пренесуваат медиумите.
Британскиот таблоид „Сан“ наведува дека на помош на патникот дошле стјуардесите и докторот кој се затекнал на летот. На мажот му била укажана прва помош по слетувањето и итно бил пренесен во болница на понатамошно лекување.
Компанијата „ЕВА“ потврди дека инцидентот се случил на летот „БР67 Бангкок-Лондон“.
Не е познато на кој аеродром во Лондон слетал авионот.
Регион
Неписмени гангстери: реакција на Милановиќ по одлуката на Уставниот суд
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ја коментираше одлуката на Уставниот суд за неговата кандидатура.
Медиумите во регионот потсетуваат на одлуката на Уставниот суд во која е заклучокот дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не може да учествува во политичките активности на ниту една политичка партија додека ја извршува својата функција. Претседателот на Уставниот суд,Мирослав Шепаровиќ му забранил да биде на избирачкиот список и на кој било начин да учествува во изборната кампања додека е претседател.
„Тоа го направија на гангстерски начин. Тие не ми можат ништо, но јас им можам. Тоа се сељаци, неписмени. Писмен човек, барем тој што завршил автошкола, има проблем со тоа“, рече тој.
Зоран Милановиќ потоа на насобраните во Вела Лука им ја прочитал одлуката на Уставниот суд.
„Најверојатно хрватскиот го научиле во автомеханичарска работилница. Според овие неписмени гангстери, тоа е забрането, но не е“, рече тој.
„Ова мора да се реши на избори. На крајот ќе бидам премиер, но нема да и кажувам на таа банда како. Ќе бидам кандидат на изборите, како што можев да бидам и на европските избори. Јас нема да си дадам мандат. Што е тука спорот, неписмени гангстери“, праша тој.
Собирот на ХДЗ во Лисински го нарече бал на вампирите. Тој рече дека во првите редови имало двајца ректори на државните универзитети.
„Со гангстерите ќе се справиме по изборите“ рече тој.