Европа
Во Португалија останале уште само седум слободни кревети на одделите за интензивна нега
Португалските власти денеска објавија дека им останале само седум слободни кревети во одделенијата за интензивна нега, наменети за пациенти со тешка форма на Ковид-19 и дека ненадејниот пораст на бројот на заразени лица во земјата ги принудил да пренесат некои критично болни пациенти на португалските острови.
Според тамошното Министерство за здравство, од 850 легла во одделенијата за интензивна нега наменети за ковид-пациенти, засега се зафатени дури 843 кревети.
Нацијата од 10 милиони жители има уште дополнителни 420 кревети во единиците за интензивна нега, но тие се наменети за пациенти кои страдаат од други сериозни болести.
Министерството за здравство објави дека денеска се регистрирани 12.435 нови случаи на инфекција, што е помалку од рекордните податоци од четвртокот, а забележана е и дневна бројка од 293 починати како резултат на компликации од Ковид-19.
Според португалското министерство, 711.018 инфекции со коронавирус и 12.179 смртни случаи се регистрирани во Португалија од почетокот на пандемијата, а статистиките покажуваат дека во изминатата недела Португалија го забележала светски највисокиот просечен седумдневен број на заразени со коронавирус, како и број на смртни случаи по жител.
Министерството за правда во петокот соопшти дека Институтот за судска медицина, кој меѓудругото, врши аутопсија и за полициски цели, побарал камион-ладилник за да ги чува телата на починатите, бидејќи погребните претпријатија не стигале да ги преземат навреме.
Здружението што ги претставува погребните претпријатија извести дека јавните болници исто така немаат доволно ладилници за складирање на телата. Некои болници биле принудени да донесат уште ладилници за да го намалат притисокот врз мртовечниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.