Свет
Во САД запленето досега најголемо количество дрога фентанил
Американските цариници и погранични власти соопштија дека заплениле 114 килограми фентанил во скриен дел на камион, што е најголема количина на заплена на ваква синтетичка дрога која предизвикува фатални предозирања.
Дрогата била пронајдена под подот на камион кога била детектирана со скенер за време на дополнителна проверка. Имено, службениците со скенерот детектирале извесни аномалии по што кучиња трагачи ја откриле дрогата, изјави директорот на царинскиот пункт во Ногалес, Мајкл Хемфрис.
Повеќето од запленетиот фентанил, чија вкупна улична вредност изнесува околу 3,5 милиони долари, бил во облик на бел прав, но околу еден килограм од дрогата бил во форма на апчиња.
Агентите заплениле и приближно 179 килограми метамфетамин, со улична вредност од 1,18 милион долари, изјави Хемфрис.
„Само неколку зрна фентанил, опасна опојна дрога, може многу бргу да убијат“, додаде тој истакнувајќи дека заплената на дрогата спречила огромен број дози да им наштетат на многу семејства.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја поздрави акцијата заблагодарувајќи ѝ се на американската погранична патрола на „Твитер“, како што напиша, за најголемата заплена на фентанил во историјата на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „постои ризик Европа да умре“ за време на говорот на Универзитетот Сорбона во Париз.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува Ројтерс.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.