Свет
Во САД над 70.000 новозаразени, Бразил со 32.177 нови случаи
Бројот на нови случаи на коронавирус во САД надмина 70.000 лица, втор ден по ред, откако претходниот ден е регистриран рекорден број на новозаразени – 77.499, што е најголемото дневно зголемување во една земја од почетокот на пандемијата.
Во последните 24 часа, потврдени се најмалку 70.674 нови случаи, со што вкупниот број заразени изнесува 3,8 милиони.
Регистрирани се 912 смртни случаи, што е четврти ден по ред дека бројот на починати да надминува 900.
Бразил: Уште 32.177 нови случаи и 1.163 смртни случаи
Денес во Бразил се регистрирани уште 32.177 нови случаи на коронавирус, а починале 1.163 лица, соопшти Министерството за здравство на таа земја.
Со тоа, бројот на заразени лица во Бразил, која е на второто место во светот во однос на бројот на заразени и починати по САД, се зголеми на 2.046.328.
Во таа земја досега починале вкупно 76.688 лица, пренесува Ројтерс.
Во Мексико, 7.257 новозаразени, 736 починале
Во Мексико, во последните 24 часа потврдени се 7.257 нови случаи на коронавирус и 736 смртни случаи, соопшти Министерството за здравство.
Како резултат, вкупниот број на заразени се искачи на 331.298, додека вкупниот број на починати изнесува 38.310.
Во Индија, речиси 35.000 нови случаи на коронавирус
Во Индија, потврдени се 34.884 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, со што вкупниот број заразени изнесува 1.038.716.
Денес, Министерството за здравство објави 671 нови смртни случаи, со што вкупниот број на починати достигна 26.273 лица.
Во неколку индиски држави, најзагрозените области се ставени во карантин, а дозволена е работа само за потребните услуги и за набавка и медицинска помош, пренесува АП.
Индија е на третото место во светот по бројот на заразени, зад САД и Бразил.
Уште 17 случаи во Синкјанг, ново жариште во Кина
Бројот на нови случаи на коронавирус во западниот дел на Кина се зголеми во последните 24 часа за 17 лица.
Од нив, 16 се новозаразени во регионот Синкјанг со мнозинско муслиманско население, што се смета за ново жариште, пренесува АП.
Речиси сите летови кон главниот град на тој регион, се откажани, а локалната власт најавува одлучни мерки за сузбивање на пандемијата.
За строгите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот се вели дека вклучуваат запирање на метро-линијата, како и јавните автобуски услуги.
Откако се појави пандемијата во Кина на крајот на 2019 година, бројот на новозаразени лица постојано опаѓа, но кинеските власти многу сериозно се однесуваат дури и кон малите жаришта, за да избегнат друг бран на коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Повеќе од половина Србија обоена во жолто: Итно предупредување поради можно невреме
Жолта метеоролошка тревога е на сила на повеќе од половина од териториите во Србија и тоа во Бачка, Банат, Срем, Белград, Западна Србија, Поморавље и Шумадија, со цел да се предупреди за можна појава на грмежи.
Се очекува слаб до умерен дожд во областа Бачка.
Во Бачка во следните два часа на места ќе има врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет.
Инаку, жолтиот метео аларм се „вклучува“ кога времето може да биде потенцијално опасно, поточно кога се предвидуваат опасни временски појави.
„Тие се со таков интензитет што можат да предизвикаат материјална штета и да бидат опасни за луѓето и животните. Треба да бидете многу внимателни, свесни за ризиците и редовно информирани за деталите за очекуваните метеоролошки услови“ велат од надлежните државни служби.
Свет
Американскиот Сенат одобри помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван
Американскиот Сенат усвои закон со кој се одобрува пакетот безбедносна помош за Израел, Украина и Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.
За усвојување на законот кој го изгласа Конгресот по неколкумесечно одложување гласаа 79 сенатори, а против 18, што е многу повеќе од потребното мнозинство во Сенатот од 100 членови за законот да биде усвоен.
За да стапи на сила законот, треба да го потпише американскиот претседател Џозеф Бајден.
Пакетот за помош предвидува 61 милијарда долари за Украина, 26 милијарди за Израел и околу 8,12 милијарди за „контра комунистичка Кина“ во Индо-пацификот, додека четвртиот дел од пакетот е наменет за мерки што ќе доведат до потенцијална забрана на апликацијата TikTok во САД, мерките според кои замрзнатите руски средства ќе бидат префрлени во Украина и ќе бидат воведени нови санкции кон Иран, пренесува Ројтерс.
„Ќе го потпишам овој предлог-закон веднаш штом ќе пристигне на моето биро утре и ќе им помогнам на Американците за да започнеме со испраќање оружје и опрема во Украина оваа недела. Потребата е итна: за Украина, која се соочува со немилосрдно бомбардирање од Русија, за Израел, кој штотуку се соочи со невиден напад од Иран, за бегалците и оние кои се погодени од конфликти и природни катастрофи низ светот, вклучително и во Газа, Судан, Хаити. “, рече Бајден.
Свет
Пентагон испраќа милијарда долари воена помош за Украина
Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија неколку американски претставници, додека горниот дом на американскиот Конгрес ја започнува расправата за долгоочекуваниот нацрт-закон за финансирање на Украина и другите сојузници на САД, којa веќе го помина долниот дом.
Членовите на Конгресот беа длабоко поделени околу средствата, поради што претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, формираше сојуз од двете водечки партии за усвојување на законот.
Пакетот за странска помош од 95 милијарди долари беше усвоен од Претставничкиот дом во саботата, а денеска или утре се очекува одобрување од Сенатот.
Од вкупниот пакет помош околу 61 милијарда долари се наменети за Украина.