Свет
Вработени во фабрика ги помешале состојките на вакцината, „Џонсон и Џонсон“ доцни со испораката
Работници во фабрика во Балтимор, во која се произведуваат две вакцини против коронавирусот, случајно ги помешале состојките пред неколку недели контаминирајќи речиси 15 милиони дози од вакцината на „Џонсон и Џонсон“, објави „Њујорк тајмс“.
Фабриката е управувана од „Емрџент биосолушнс“, партнер за производство и на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ и на „Астра зенека“, британско-шведска компанија, чија вакцина сè уште не е одобрена за употреба во САД.
Федералните власти пропустот го припишале на човечка грешка.
Мешањето на состојките ги одложи идните пратки на дози од „Џонсон и Џонсон“ во САД, а Администрацијата за храна и лекови истражува што се случило. „Џонсон и Џонсон“ најави дека ќе ја зајакне својата контрола врз работата на „Емрџент биосолушнс“ за да избегне дополнителни пропусти на квалитетот.
„Њујорк тајмс“ појаснува дека двете вакцини користат иста технологија со која се користи безопасна верзија на вирус, позната како вектор, што се пренесува во клетките за да се создаде протеин, кој потоа го стимулира имунитетот да произведува антитела. Но, векторите на „Џонсон и Џонсон“ и на „Астра зенека“ се биолошки поинакви и не се заменливи.
Грешката на „Емрџент биосолушнс“ не била откриена со денови и биле контаминирани до 15 милиони дози. Според пишувањата на „Њујорк тајмс“, сите дози се во фабриката.
„Една серија вакцини против коронавирусот на ‘Џонсон и Џонсон’ не ги исполни стандардите за квалитет и не може да се користат“, соопшти американскиот фармацевтски гигант.
Компанијата, сепак, не наведе колку дози вакцини се изгубени и не е познато како тоа ќе влијае на идните испораки.
„Џонсон и Џонсон“ вети дека ќе ѝ обезбеди 20 милиони дози вакцини на американската влада до крајот на март и уште 80 милиони дози до крајот на мај.
Компанијата во соопштението вели дека планира да ги испорача сите 100 милиони дози до крајот на јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пожар во Атина: Се запали станбена зграда, пет противпожарни возила на лице место
Пожар избувна на високо приземје на станбена зграда во атинската населба Ризуполи. Како што јави грчкиот јавен сервис ЕРТ, на лице место излегле 16 пожарникари со пет возила.
Мобилизирани се и два камиони со скали, доколку е потребно да се евакуираат станарите од горните катови.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.