Европа
Германија и Франција повикаа на отворање на границите во Европa
Претседателот на францускиот парламент и неговиот германски колега побараа што побргу да се отворат границите меѓу европските земји по затворањето поради пандемијата на коронавирусот.
„Франција и Германија мора да работат на итно обновување на слободното движење во шенген-зоната веднаш штом ќе се исполнат условите“, наведуваат Ричард Феранд и Волфганг Шобле во заедничката изјава, објавена од „Франс прес“.
„Затворањето на француско-германските граници веќе предизвика сериозни последици и е особено важно за перцепцијата на германско-француските односи“, наведоа Феранд, член на центристичката партија ЛРЕМ на францускиот претседател Емануел Макрон, и Шобле, еден од столбовите на Христијанско-демократската унија – ЦДУ, на канцеларката Ангела Меркел, залагајќи се за што побрза акција.
Текстот на заедничката изјава е објавен два дена пред состанокот на Франко-германското парламентарно собрание, нов форум на двата парламента формиран за зајакнување на односите меѓу двете земји, кој ќе биде посветен на лекциите што Европа може да ги научи од пандемијата на Ковид-19.
До денес повторното отворање на границите во Европа е планирано од средината на јуни, но досега имало неред во разни европски земји и покрај повиците на Европската комисија за повеќе меѓусебни консултации.
Претседателите на двата национални парламента исто така во заедничката изјава ја поздравија и ја дадоа својата поддршка на последниот предлог на францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел за обновување на економиите со помош на 500 милијарди евра, средства финансирани од долг договорен во рамките на Европската Унија.
„Франција и Германија преземаат заедничка одговорност за Европската Унија со предлогот што се обидува да ја зајакне Европа по кризата предизвикана од коронавирусот“, истакнуваат претседателите на францускиот и германскиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.