Свет
Германските конзулати на Блискиот Исток им продаваат фалсификувани визи на мигранти
Корумпираните службеници во германските конзулати во некои земји од Блискиот Исток соработуваат со шверцерите на луѓе и буквално им продаваат фалсификувани визи на мигрантите кои сакаат да дојдат во Германија како бегалци, открива „Шпигел“.
Корупциските шеми течеле непречено во визните центри на многу германски диплматски мисии во странство, а особено на Блискиот Исток, пишува „Шпигел“, нарекувајќи ги конзулатите „Ахилова пета” во борбата против шверцот на луѓе. Весникот, исто така, ги нарекува локалните вработени „слаба точка” во германските визни одделенија бидејќи тие обично работат со шверцерите на луѓе.
Германскиот конзулат во северниот ирачки град Ербил бил особено инволвиран во една таква измамничка шема. Локалните шверцери со луѓе им нуделе визи на своите клиенти преку корумпираните претставници на конзулатот без потреба од одобрување од Одделот за визи и регистрација во Германија. Лажен документ кој би можел да му овозможи на барателот на азил законски да влезе во Германија како дел од програмата за прием на бегалци, чинел меѓу 3.000 и 13.000 долари.
Нелегачната шема наводно траела непречено помеѓу август и декември 2017 година кога конечно го привлекле вниманието на официјални претставници на Министерството за надворешни работи. Фалсификаторите успеале да продадат околу дваесетина визи во текот на овој период, вели „Шпигел“, додавајќи дека вистинскиот број на такви случаи може да биде многу поголем.
Слична шема водел и еден вработен во германскиот конзулат во Бејрут, во Либан, идентификуван како Мохамад Џ. Човекот наводно водел профитабилна трговија со визи во конзулатот помеѓу декември 2014 и мај 2015 година. Тој сега се соочува со обвиненија во Германија за 11 случаи на продажба на визи. Сепак, вистинскиот број може да биде многу поголем бидејќи иследниците идентификувале околу 201 сомнителна апликација за виза обработени во конзулатот во тој период.
Сепак, германските власти се чини дека биле изненадувачки неподготвени да ги истражат таквите случаи. Според „Шпигел“, ваквите истраги обично почнуваат дури откако таквите инциденти ќе се најдат во медиумите. Властите почнале активно да ја истражуваат измамата во конзулатот во Бејрут откако WDR известил за тоа во шоуто „Монитор”.
Во случајот на Ербил, германското МНР ги информирало властите за проблемот уште во декември 2017 година, но случајот очигледно останал закопан во полициската бирократија речиси една година, додека Јавното обвинителство конечно не почнало кривична постапка против осомничените фалсификатори во октомври 2018 година.
Локалните вработени осомничени за корупција и за фалсификување визи се уште работат во конзулатот во Ербил. Мохамад Џ. од конзулатот во Бејрут и неговиот соучесник сега живеат во Германија и се на слобода додека чекаат судско сослушување за нивниот случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Авион двапати се одби од пистата во Лос Анџелес: „Ова е најгрубото слетување што сме го снимиле“
На аеродромот во Лос Анџелес во живо е снимено неверојатно слетување на авионот на „Луфтханза“.
Имено, за време на слетувањето, авионот еднаш, а потоа и вторпат се одби од пистата и повторно полета предизвикувајќи шокирани реакции кај коментаторите во преносот од аеродромот.
„Што? Леле, леле, леле. Мислам дека ова е најгрубото слетување што некогаш сме го снимиле“.
Кога повторно се нашол во воздухот, авионот со маневрирање успеал да слета на пистата и безбедно да го заврши летот.
The moment a Lufthansa plane performed a rejected landing, or a ‘touch-and-go’, was caught on a livestream.
🎥 Airline Videos Live via YouTube pic.twitter.com/BpYSGuwMCG— Daily Mail Online (@MailOnline) April 24, 2024
Свет
ЕУ инвестира повеќе од 65 милиони евра во развој на вештачка интелигенција
Европската комисија (ЕК) најави дека ќе инвестира повеќе од 65 милиони евра во развојот на вештачката интелигенција (АИ), вклучително и 50 милиони наменети за финансирање проекти насочени кон развој на нови начини за комбинирање на податоците.
ЕК објави повици за предлози за финансирање проекти во областа на вештачката интелигенција и квантната технологија во рамките на програмата за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ од 2023 до 2024 година, објави АНСА.
ЕК наведува дека проектите се насочени кон подобрување на доверливоста на системите за вештачка интелигенција и обезбедување значителен увид во процесите на донесување одлуки за вештачка интелигенција.
Регион
Мајката на осомничениот за убиството на Данка: Не го видов телото на мојот син
Светлана Драгијевиќ, мајката на Далибор Драгијевиќ, кој почина од насилна смрт во полициската станица во Бор, на распитот за убиството на Данка Илиќ (2) за порталот „Нова.рс“ вели дека нејзиниот починат син бил жртва на полициска тортура.
Таа истакнува дека не го видела телото и дека сѐ уште го чека извештајот од обдукцијата на синот.
Драгијевиќ е брат на Дејан, осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ. Тој беше приведен на 6 април под сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие нејзиното тело, а почина ноќта меѓу саботата и неделата, односно на 7 април.
Мајката на Драгијевиќ за „Нова.рс“ изјави дека никој не дошол кај неа да ѝ каже дека син ѝ е претепан, туку дека само полицаецот дошол да ја извести за погребот.
„Не се сомневам дека ќе се дознае кој го убил, од Бор се. Извештајот од обдукцијата сѐ уште не сум го добила, па се надевам дека ќе открие сѐ“, вели Светлана, која исто така наведува дека не го видела телото на синот.
Неделникот „Радар“ неодамна објави дека обдукцијата покажала оти Драгијевиќ починал со насилна смрт, а доказ за тоа се многуте повреди што ги имал на телото. Но, полицијата во соопштението наведе дека Драгијевиќ починал од природна смрт, односно му се слошило во полициската станица.
Полицијата ги уапси работниците на ПУК „Водовод“, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, под сомнение дека го убиле девојчето Данка Илиќ. Таткото Радослав и братот Далибор на осомничениот Драгијевиќ беа приведени под сомнение дека му помогнале да го скрие телото на детето.
Телото на Данка сѐ уште не е пронајдено.