Свет
Германски дипломат отпатува во Иран за да ги смири тензиите
Висок германски дипломат во четвртокот беше во Техеран за да се сретне со ирански официјални претставници со цел зачувување на Иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и смирување на тензиите во регионот, изјави германски дипломатски извор.
Јенс Плотнер, политички директор во Министерството за надворешни работи, планира да се состане со иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Арагчи, како и други официјални лица за време на неговата посета, соопшти германскиот извор.
Велика Британија, Франција и Германија, кои го потпишаа договорот во 2015 година заедно со САД, Кина и Русија, се решени да покажат дека може да компензираат за минатогодишното повлекување на САД од договорот, да ја заштитат трговијата и да го одвратат Техеран од откажување од договорот, чија цел е да ја спречи земјата да не развива нуклеарно оружје.
Исто така, САД неодамна наметнаа нови санкции врз иранската економија, а како одговор на тоа Иран најави дека се откажува од дел од обврските пропишани со нуклеарниот договор вжештувајќи ги дополнително постојните тензии меѓу двете земји.
„Во центарот на посетата на политичкиот директор е зачувувањето на нуклеарниот договор во Виена“, изјави германскиот дипломатски извор за „Ројтерс“.
Во средата официјалните претставници на САД соопштија дека Министерството за одбрана размислува да испрати околу 5.000 дополнителни војници на Блискиот Исток. Но, и покрај ваквиот притисок, Киван Хосрави, портпарол на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, во четвртокот повтори дека нема да има преговори со Вашингтон.
Тој рече дека официјалните лица од неколку земји, кои неодамна го посетија Иран, претежно ги претставуваат интересите на САД, но дека пораката на Техеран останува непроменета.
„Без исклучок, пораката за моќта и отпорот на иранската нација им беше пренесена“, рече тој.
Германскиот дипломатски извор рече во четвртокот дека ситуацијата во Персискиот Залив и регионот и ситуацијата за нуклеарниот договор во Виена е исклучително сериозна, како и дека постои реален ризик од нејзина ескалација поради што дијалогот е исклучително важен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.
Свет
Десетгодишно дете призна дека убило човек пред две години, полицијата во Тексас во шок
Десетгодишно дете од американската сојузна држава Тексас, кое било испрашувано поради наводна закана дека ќе го убие својот соученик, им кажало на инспекторите дека убил човекот пред две години без никаква причина, соопштија органите на редот.
Според законите во Тексас, детето не може да биде обвинето за злосторството бидејќи во моментот на убиството имало помалку од 10 години, пренесува CBS News.
Момчето им кажало на училишните службеници дека пукало и убило човек во 2022 година, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Гонзалес.
Како што е наведено, момчето им дало на истражителите информации за убиството на 32-годишниот Брендон О’Квин Резбери на 18 јануари 2022 година во Никсон, Тексас.
Тој рече дека тој ден бил кај својот дедо на гости во паркот за кампери во близина на местото каде што живеел Резбери, и дека извадил пиштол од кабината на камионот на неговиот дедо, влегол во комбето на Резбери, пукал во него и го убил.
Тој исто така изјавил дека никогаш претходно не го видел Расбери и дека убиениот не направил ништо за да го налути.
На 12 април, инспекторите го пронајдоа пиштолот користен за убиството на Разбери во заложна продавница во блискиот град, но бидејќи детето имало помалку од 10 години кога го извршило злосторството, не може да биде обвинет за убиството во 2022 година.
Детето е обвинето во врска со заканата упатена кон соученик и се наоѓа во малолетнички притвор, каде го чека почетокот на судењето.