Свет
Гејтс потпиша договор со 16 фармацевтски компании: го зголемуваме производството на вакцини со невидена брзина
Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс потпиша договор со 16 фармацевтски компании за да соработуваат во производството на вакцина против коронавирусот, да ја забрзаат и да обезбедат што е можно побргу дистрибуција на одобрената вакцина во целиот свет.
„Фармацевтските компании се согласија да ги прошират своите капацитети за производство на лекови. На пример, лекот ‘ремдесивир’ го направи компанијата ‘Гилеад’, но дополнителни количини сега ќе се произведуваат во фабриките на компанијата ‘Фајзер’. Ниту една компанија никогаш не дозволила конкурент да ги користи нејзините фабрики на овој начин, а сега гледаме слична соработка кога станува збор за вакцините“, изјави Бил Гејтс.
„Меѓу другото, компаниите се согласија да соработуваат во производството на вакцини и да го зголемат производството со невидена стапка осигурувајќи дека одобрените вакцини ќе се дистрибуираат што е можно побргу“, рече тој.
Според Гејтс, во моментот најголемиот дел од светскиот фонд на вакцини против Ковид-19 се планира да биде испратен во богатите земји.
„Овие земји склучуваат договори со фармацевтски компании обезбедувајќи право да купат милијарди дози веднаш штом се произведат. Но, што е со земјите во светот со ниски и пониски средни приходи, земјите од Јужен Судан преку Никарагва до Мјанмар? Речиси половина од сите човечки суштества живеат во овие земји и тие немаат куповна моќ да прават големи деловни активности со фармацевтските компании. Како што стојат работите сега, овие земји ќе може да опфатат максимум 14 проценти од своето население“, рече тој.
Според него, најдобриот начин да се затвори овој јаз во вакцините е да не се критикуваат богатите земји.
„Тие прават нешто сосема разбирливо – обидувајќи се да го заштитат својот народ. Наместо тоа, треба значително да го зголемиме капацитетот на светот за производство на вакцини. На овој начин можеме да ги покриеме сите, без разлика каде живеат“, вели Гејтс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.