Европа
Голем пресврт по денешните преговори: Русија најави повлекување од делови во Украина
Русија радикално ќе ги намали воените активности во областите околу Киев и Чернигов, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Според извештајот, ова го соопштило Министерството за одбрана на Русија во соопштение што го прочитал заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација, генерал-полковник Александар Фомин.
„Поради фактот што преговорите за подготовка на договорот за неутралност и ненуклеарен статус на Украина, како и обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина, почнуваат да се спроведуваат во пракса, имајќи ги предвид принципите за кои се разговараше за време на денешниот состанок и со цел да се зголеми меѓусебната доверба и да се создадат неопходни услови за понатамошни преговори и постигнување на крајната цел – одобрување и потпишување на споменатиот договор, Министерството за одбрана на Русија донесе одлука радикално да ги намали воените активности во регионите на Киев и Чернигов“, рече Фомин.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, претходно денеска изјави дека воената операција во Украина ќе трае сè додека не се исполнат целите, но истовремено најави пресврт на руската стратегијата во Украина.
„Првата фаза од војната е завршена. Руската армија се фокусира на примарната цел да го ослободи Донбас“, рече Шојгу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.
Европа
Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа
Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за „Дојче веле“, Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.
Халденванг зборуваше за апсењето тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии, кои може да се користат за воени цели.
„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.
Халденванг разговараше за „Дојче веле“ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.
Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.
„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.
„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.
Според него, Германија е особено нападната како важен играч во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.
Халденванг рече дека во екстремен случај рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја што е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.
Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.
Како што додаде Томас Халденванг за „Дојче вече“, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настана: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.
„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментот, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.
Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.
„Можеме да замислиме разни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.
Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација тој ги наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи, кои поттикнуваат поединци да вршат напади.
Европа
Евакуиран хотел во Рим поради отровни испарувања од базенот: пет лица отруени, затворени и околните улици
Најмалку пет лица се повредени во хотел во центарот на Рим кога дошло до испуштање штетни испарувања од базенот. Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.
Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.
Повредени се вработените во хотелот, а најмалку 35 лица се евакуирани.
Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи, кои биле на појадок.
Отровни испарувања доаѓале од бањата и велнес-центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.
Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања, биле затворени околните улици.