Европа
Мариупол: Жестоките борби го отежнуваат спасувањето на луѓето скриени во разрушениот театар
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, рече дека уличните борби во центарот на градот го отежнуваат спасувањето на стотици луѓе заробени во подрумот на театарот што властите велат дека руската војска го гранатирала во средата.
Бојченко вели дека спасувачките тимови можат да ги исчистат урнатините и да спасуваат луѓе само кога ќе има прекин на огнот.
„Има тенкови, артилериски оган и пукање од секакво оружје. Нашите сили прават се што можат за да ги задржат позициите во градот, но непријателските сили за жал се побројни од нашите“, нагласи тој.
Градоначалникот не можеше да процени уште колку луѓе успеале да ја напуштат областа во последните 24 часа.
Властите во петокот соопштија дека 130 луѓе успеале да побегнат и дека повеќе од 1.000 луѓе и натаму се во подрумот, кој го издржал гранатирањето.
Русија негира дека ја гранатирала зградата, која била означена како засолниште за цивили.
Бојченко, исто така, рече дека 40.000 луѓе успеале да го напуштат градот во последните пет дена и дека околу 20.000 луѓе чекаат евакуација.
Во меѓувреме, украински пратеник ги опиша условите во опколениот град Мариупол како „средновековни“.
Дмитро Гурин, пратеник чии родители се заробени во градот во југоисточниот дел на државата, за Би-би-си изјави дека залихите со храна и вода во градот достигнуваат опасно ниско ниво.
„Луѓето останаа без храна, а уште поважно, без вода“, рече Гурин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.