Европа
„Гринпис“: Да се забранат летовите за кои има железнички линии пократки од 6 часа
Третина од најчестите летови во ЕУ може да се заменат со возење со воз, кое трае помалку од шест часа, а забраната за такви летови ќе заштеди 3,5 милиони тони јаглероден диоксид, објави денеска „Гринпис“.
Организацијата за заштита на животната средина во објавената студија повикува на радикална промена во начинот на кој патуваме.
Фреквенцијата на авиосообраќајот треба да се намали за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен, соопшти невладината организација повикувајќи на подобрување и зајакнување на железничкиот транспорт.
Летовите пократки од 1.500 километри сочинуваат четвртина од емисиите на европскиот воздушен сектор, наведува „Гринпис“ во студија изработена од тинк-тенкот OBC Transeuropa.
Од 150 лета на кратки релации, кои најчесто се користат во Европската Унија (со исклучок на летовите до островите), 51 имаат железничка алтернатива (34 отсто), а патувањето со воз трае помалку од шест часа.
Трите линии што најмногу се користат во Европската Унија се Париз – Тулуз, Париз – Ница и Атина – Солун.
Во студијата не е наведен процентот на патници што летаат на овие линии.
Во извештајот се наведува дека 21 авиолинија веќе имаат железничка алтернатива пократка од четири часа, а меѓу нив се и меѓународните линии Амстердам – Париз, Амстердам – Франкфурт, Брисел – Франкфурт и Париз – Франкфурт.
Повеќе од четвртина (27 отсто) од тие 150 најфреквентни летови имаат алтернатива со директниот ноќен воз во 2021 година, стои во истражувањето.
„Се емитува 10 пати повеќе јаглероден диоксид кога летате од Париз до Амстердам во споредба со патување со воз, а тоа патување трае помалку од 3 часа и 30 минути“, вели Сара Фајол, одговорна за транспортниот сектор во францускиот разгранок на „Гринпис“.
„Намалувањето на фреквенцијата на воздушниот сообраќај е неизбежен начин за постигнување на целите од Парискиот климатски договор и укинувањето на пократките летови е првиот чекор во таа насока“, се вели во соопштението.
Одлуката на Франција да ги забрани домашните воздушни летови доколку постои алтернатива со воз пократка од 2 часа и 30 минути е премногу ограничена, вели „Гринпис“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Захарова: Киев продолжува отворено да најавува терористички напади врз Русија
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, на брифинг со новинарите рече дека режимот во Киев продолжува отворено да најавува планирани терористички напади врз Русија.
„Режимот во Киев продолжува отворено да најавува планирани терористички напади на руска територија, чии детали, нема да верувате, се детално дискутирани во западниот печат“, рече Захарова, според државната руска новинска агенција ТАСС.
Захарова наведе дека во украинските напади се повредени руски цивили и додаде дека украинските специјални служби не се откажуваат од „масакрите на нивните поранешни сонародници“.
„Просветените, како што се нарекуваат себеси, престолнините на колективниот Запад сè уште не го оквалификуваат ова како терористички напад. Како можат да го оквалификуваат како таков? Во спротивно, ќе мора да донесат резолуции и закони со кои се осудува нивното спонзорство на тероризмот“, изјави Захарова на новинарите, пишува ТАСС.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои, освен германско, имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското Обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“, во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.