Свет
Гутереш: Многу земји ги игнорираа советите на СЗО, сега плаќаме висока цена
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги критикуваше земјите кои ги игнорирале препораките на СЗО во екот на пандемијата на коронавирус.
Тој оцени дека светот платил висока цена поради различните стратегии.
„Видовме изрази на солидарност, но многу малку единство во нашиот одговор на Ковид-19. Земјите следеа различни стратегии, понекогаш и контрадикторни, а сите плаќаме висока цена“, рече Гутереш на видео конференцијата на отворањето на годишниот состанок на Светската здравствена организација (СЗО).
Генералниот секретар на ОН исто така укажа дека голем број на земји ги игнорирале препораките на СЗО.
„Како последица на тоа, вирусот се рашири низ целиот свет и сега се движи кон земјите на југ каде што може да има уште пофатални последици“, предупреди Гутереш, повикувајќи на голем меѓународен напор за светот да се соочи со оваа трагедија.
„Се надевам дека истражувањата за вакцина се еден вид почетна точка“, рече тој.
Светското здравствено собрание, за прв пат во историјата се одржува виртуелно и поради пандемијата ќе трае само два дена.
И покрај тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг, земјите се надеваат дека со консензус ќе ја усвојат резолуцијата, поднесена од страна на Европската унија.
Резолуцијата повикува на почеток на процесот на проценка што е можно поскоро, со цел да се испита меѓународниот здравствен одговор и мерките на СЗО во борбата против пандемијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.