Свет
Двајца белгиски директори можат да завршат в затвор поради извоз на хемикалии во Сирија
Двајца белгиски извршни директори се соочуваат со можни затворски казни поради извоз на хемикалии во Сирија, пренесува „Спутник“.
Информациите за случајот се појавија во април кога медиумите објавија дека три фламански компании (AAE Chemie, ANEX и Danmar Logistics) биле изнесени пред судот во Антверпен поради извоз на 96 тони изопропанол во Сирија, спротивно на санкциите на ЕУ воведени во 2013 година.
Судот во Антверпен ги обврзал компаниите да извадат специјални извозни дозволи за оваа одредена супстанција за да им бидат дозволени испораките во земјите од Блискиот Исток.
Трите компании велат дека го извезувале производот во Сирија повеќе од 10 години, истакнувајќи дека царинската испостава, која го контролирала извозот во Сирија, никогаш не им кажала дека нешто не е во ред со нивните пратки.
Белгиското Министерство за финансии, кое ги надгледува царините, потоа понуди финансиско порамнување на компаниите. Сепак, тие одбија да го прифатат. Царината, пак, се бранела со тоа дека документот за извоз не бил правилно пополнет од страна на компаниите, и почна истрага за контроверзните пратки.
Обвинителите побарале од судот да ги казни компаниите со по 750.000 евра (854.000 долари) и да ги казни директорите на двете компании со 18 месеци затвор.
Пресудата во случајот се очекува да биде донесена кон крајот на јануари. Изопропанолот може да се користи за производство на хемиско оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер, за прв пат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради „технички дефект“ и дека еден член на екипажот загинал.
„За прв пат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел Ту-22М3, кој носи крстосувачки ракети Х-22“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на Телеграм.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот Тупољев-22М3 се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.
Свет
Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел
САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на Палестинците и да ги принудат да му се покорат на Израел, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја.
„Со користењето на ветото петтипат од почетокот на ескалацијата во Газа тие повторно го покажаа својот вистински однос кон Палестинците. Според мислењето на Вашингтон, тие не заслужуваат да имаат своја земја“, изјави Небензја.
Тој истакна дека Палестинците се само пречка на патот кон остварување на интересите на Израел.
„САД се подготвени да ги затворат очите пред злосторствата на Израел врз цивилите во Газа, да го игнорираат илегалното населување на Западен Ерусалим на Западниот Брег. Целта е да се скрши духот на Палестинците, да се натераат безусловно да се потчинат на окупаторската власт, да се претворат во слуги и луѓе од втор ред, а можеби и целосно да се искоренат и протераат од нивната родна земја“, изјави Небензја по гласањето за нацрт-резолуцијата за прием на Палестина во ОН.
Како што истакна, резултатот од гласањето во Советот за безбедност на ОН за резолуцијата за прием на Палестина во ОН како полноправна членка покажува дека САД се речиси целосно изолирани.
„Страдањата на палестинските цивили одекнуваат во срцата и душите на милиони луѓе во светот. Во земјите што доставуваат оружје за Западен Ерусалим сѐ почесто се слушаат гласовите на оние пто се за забрана на таквите испораки. Резултатите од гласањето, кога Вашингтон се најде речиси целосно изолиран, зборуваат сами за себе“, рече рускиот дипломат.
Тој оцени дека американското вето е „неплоден обид да се запре неуморниот тек на историјата“.
„Гледајќи низ прсти на најнепромислените постапки на нашиот сојузник (Израел), немањето желба за барање праведни решенија, е директен пат кон натамошно лизгање во бездната на војната што може да го зафати целиот регион“, рече Небензја.
Тој рече и дека таквата политика е недостојна за една голема сила.
„Историјата нема да ви го прости тоа. Ги повикуваме САД да го слушаат гласот на разумот и да размислат за последиците од нивните одлуки“, рече Небензја.