Свет
Деведесет и тројца новинари убиени во 2016-та
Меѓународната федерација на новинарите (IFJ) објави во петокот дека 93 новинари се убиени во 2016 година додека ги извршувале своите задачи, а оваа бројка е помала во однос на минатата 2015 година кога 112 новинари ги загубија животите извршувајќи ја својата професија.
Заклучно со 29-ти декември, IFJ регистрирала 93 новинари или медиумски работници кои се убиени во насочени напади, бомбашки напади или во вкрстен оган.
Арапскиот свет и Блискиот исток забележале споредливо најголем број мртви со 30 убиени, а следи регионот на Азија и Пацифик со 28 убиени, Латинска Америка со 24, Африка со осум и Европа со тројца убиени новинари, наведува IFJ која има 600.000 членови во 140 земји, а седиштето му е во Брисел.
По земји, во Ирак се убиени 15 новинари, во Авганистан 13, во Мексико 11, во Јемен 8, во Гватемала и во Сирија по 6, како и во Индија и Пакистан по 5.
Без оглед на падот на бројката убиени новинари во 2016 во однос на претходната 2015 година, претседателот на IFJ, белгискиот новинар Филип Лерут смета дека нема многу причина за утеха, ниту основа за надеж во завршување на кризата на безбедноста во сферата на медиумите, се наведува во неговата писмена изјава.
Освен новинарите кои загинале во насочени напади во 2016 година, 29 новинари загинале и во две воздухопловни несреќи, во Колумбија и во Русија, со што светот во 2016 година останал без 122 новинари./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во БиХ уапсени 14 криумчари, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.
Регион
За европските избори во Хрватска беа пријавени 25 листи, осум помалку од 2019 година
Државната изборна комисија (ДИК) до крајниот рок доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година.
Во недела на 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент во Хрватска, а ќе се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.
Со поднесување на списокот и официјално започнува изборната кампања која ќе трае до 7 јуни кога ќе започне изборниот молк.
Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори.
Свет
Моќната сестра на севернокорејскиот лидер: Ќе изградиме супериорна воена сила
Ким Јо Џонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, рече дека земјата ќе продолжи да гради супериорна и најмоќна воена сила за да го заштити својот суверенитет и регионалниот мир, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Ким рече дека серијата воени вежби на американската војска во регионот оваа година, почнувајќи со вежби спроведени со „јужнокорејски марионетски воени гангстери“, опасно ја нарушуваат регионалната безбедносна средина.
„Ќе продолжиме да ја градиме најголемата и најмоќната воена сила за заштита на нашиот суверенитет, безбедност и регионален мир“, ја цитираше КЦНА нејзината изјава.
Војските на САД и Јужна Кореја во последните месеци спроведоа серија големи и интензивни вежби, а лидерите на двете земји ветија дека ќе ја подобрат борбената готовност против воените закани на Северна Кореја.
Околу 100 воени авиони извршија двонеделни воздушни вежби овој месец, соопшти јужнокорејската војска.
Северна Кореја вели дека американските воени вежби се подготовки за нуклеарна војна против неа. Вашингтон и Сеул велат дека вежбите имаат одбранбен карактер и се спроведуваат редовно за да се одржи подготвеноста.