Свет
Детето мигрант кое се удави во Ла Манш е всушност 28-годишен маж
Француските обвинители велат дека се чини оти 16-годишниот мигрант кој се удавил во Ла Манш, всушност бил 28-годишен маж, чии роднини тврдат дека Франција претходно му го одбила барањето за азил, пренесува „Тајмс“.
Заменик-јавниот обвинител во Булоњ-сур-Мер, Филип Сабатје, го идентификуваше удавениот мигрант, Суданецот Абдулфтах Хамдалах, кој престојувал во озлоглазениот мигрантки камп „Џунгла“ во Кале околу два месеца пред неговото несреќно патување.
Извештаите во медиумите претходно го опишаа удавениот мигрант како 16-годишно дете, цитирајќи ја францусата министерка-делегат за државјанство, Марлен Шапа, која само ги повторила информациите за возраста што ја обезбедиле спасувачите од друг патник на чамецот.
Новата возраст дадена од Сабатје, заснована на пронајдената патна исправа, е во спротивност со овие претходни извештаи.
„Не знам дали тој поднел барање за азил кај британските власти, но се чини дека го сторил тоа кај француските власти“, изјави обвинителот за „Индипендент“.
Некои политичари во Франција, кои дозволија да процвета кризата со мигрантите со тоа што не успеаја да ги контролираат своите граници, дозволувајќи на крајбрежјето да никнуваат нелегални кампови, одбивајќи да ги запрат или да ги вратат назад повеќето чамци што ги откриваат на море, ја обвинија Велика Британија за давењето на Хамдалах.
„Уште колку трагедии ќе бидат потребни за Британците да си ја вратат човечноста?“, праша Пјер-Анри Думон, член на француското национално собрание што го претставува Кале, навидум игнорирајќи го фактот дека удавениот човек веќе бил одбиен за азил од Франција.
Думон посочи дека неможноста да аплицираат за азил во Велика Британија без физичко присуство ги предизвикува овие трагедии, иако не е јасно како тоа би помогнало во ситуацијата зашто мигрантите во Франција – безбедна, прва земја членка на ЕУ – речиси во сите случаи се одбивани како нелегитимни бегалци.
Велика Британија презеде стотици наводни деца мигранти од Франција во 2016 година, по притисокот на активистите како лордот Дабс, кои ги споредуваа со еврејските деца кои избегале од Германија и делови од Европа пред избувнувањето на Втората светска војна.
Шемата беше стопирана кога стана очигледно дека мигрантите кои пристигнуваат во програмата „Дабс“, во голема мерка се млади луѓе кои тврдат дека имаат 16 или 17 години, а не мали деца, иако според изгледот повеќе личеле на мажи во доцните триесетти, отколку на тинејџери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Детално пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од околу 4,5 километри, во месноста Бањско Поле до градот Бор, и во таа прилика не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детално пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март, во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од околу 10 квадратни километри.
Свет
„Фокс њуз открива“: САД потрошиле најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина
Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава „Фокс њуз“.
„Фокс њуз“ во септември објави дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.
Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, до која имал пристап „Фокс њуз“, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.
Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс рече дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.
Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја поради што понекогаш се појавуваат разни бројки за американската помош за Киев.
Регион
Завршено вештачењето на мобилниот телефон на мајката на Данка, биле бришени пораки и повици, објавија српските медиуми
Мобилниот телефон на мајката на Данка Илиќ бил испратен на вештачење по исчезнувањето на девојчето. Неофицијалните податоци говорат дека мајката избришала многу пораки и повици ден пред и на денот на исчезнувањето на Данка, објави српски „Блиц“.
Според неофицијални сознанија од истрагата, вештачењето на мобилниот телефон на Ивана Илиќ покажало дека се избришани многу пораки и податоци за повици, пишува српски „Информер“.
„На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ многу пораки и повици се избришани од телефонот. Ова го утврдиле инспекторите за високотехнолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но да останат во базата на податоци“, рекол изворот.
Како што се дознава, пред исчезнувањето на Данка Илиќ мајката трипати го фотографирала детето од разни агли.
Да потсетиме, мајката на Данка Илиќ, Ивана, денеска повторно е во полициската станица во Бор, каде што е на распит за околностите на својата исчезната ќерка. Таткото помина на полиграфското тестирање.