Свет
Директорот на „АстраЗенека“: Вакцината бара дополнителна студија
Вакцината против Ковид-19 развиена од британската лабораторија „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд, бара понатамошно истражување, рече извршниот директор на „АстраЗенека“ по критиките за објавените резултати за ефикасноста.
„Сега, кога се чини дека ја најдовме најдобрата ефикасност, треба да ја потврдиме, затоа треба да спроведеме дополнителна студија“, рече Паскал Сориот во интервју за „Блумберг“.
Резултатите од оваа нова меѓународна студија, додаде тој, може да се постигнат побрзо затоа што знаеме дека ефективноста е висока и затоа ни требаат помалку пациенти.
Сориот не верува дека овој дополнителен тест ќе го забави одобрувањето на вакцините што треба да го дадат регулаторите во Европската унија и Велика Британија, но на американските власти ќе им треба повеќе време да дадат зелено светло.
Британската лабораторија во понеделникот, врз основа на големи клинички испитувања во Велика Британија и Бразил, објави дека вакцината е во просек ефикасна 70 проценти.
Сепак, зад овој просечен резултат лежат големи разлики помеѓу два различни протоколи. Така, ефикасноста беше 90 проценти за волонтерите кои прво добија половина од дозата, а потоа и целата доза еден месец подоцна, а за групата што ја прими целосната доза двапати, исто така, со разлика од еден месец, ефикасноста беше 62 проценти.
Лабораторијата објави дека инјектирањето на половина од дозата во првата група е резултат на случајна грешка, така што само 3.000 пациенти биле подложени на ваков протокол. Сепак овие резултати сугерираат дека таквата шема предизвикува подобар имунолошки одговор.
Сепак, критиките дојдоа токму затоа што станува збор за мала група волонтери и затоа што откритието е направено по грешка.
Понатаму, просечната возраст на групата која примила половина од дозата не надминува 55 години, со што се исклучуваат ризичните групи.
Новата студија треба да ја процени ефикасноста на вакцината со давање помала доза.
„АстраЗенека“ има предност во однос на конкурентите затоа што користи потрадиционална технологија и затоа е поевтина и полесна за чување. Вакцината може да се чува на температура од обичен фрижидер, а не на екстремно ниски температури како во случајот на вакцината на „Модерна“ (-20 степени Целзиусови), или -80 за вакцината што ја развиваат „Фајзер“ и „Бионтек“.
Во понеделникот, „АстраЗенека“ објави дека брзо ќе започне со производство на 3 милијарди дози што ќе бидат достапни во 2021 година. За споредба, „Фајзер“ и нејзиниот партнер „Бионтек“ објавија дека ќе произведат 1,3 милијарди дози до крајот на 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролетта, март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источниот Медитеран. Типична песочна бура со домет од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони, објаснува директорот на грчката метеоролошка служба Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури, поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 степени Целзиусови, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степени, истакнаа грчките метеоролошки служби.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи на населението, особено луѓето кои страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои можат да се интегрираат со полен, бактерии и габи, создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува здружението.
Свет
Апсења во Пакистан по снимка во која брат ја убива сестрата, таткото гледал сè
Пакистанската полиција уапси татко и брат откога видеото од провинцијата Пенџаб, на кое брат ја дави својата сестра додека таткото гледа, стана вирална, соопштија официјални лица.
Настанот предизвика шок и бес во нацијата, која се бори со бранот насилство врз жените. 22-годишна девојка била убиена од својот брат додека таткото гледал, а непознато трето лице го снимило злосторството, изјави за ДПА претставникот на локалната полиција, Рана Акмал.
Инцидентот се случил во градот Тоба Тек Синг минатата недела. Семејството ја закопало жената тврдејќи дека умрела од колера.
И таткото и братот ѝ кажале на полицијата дека со години ја силувале жената и ја убиле за да го скријат своето злосторство, изјави полицискиот службеник Мохамед Имран.
Се спроведуваат рации за апсење на лицето, кое наводно го снимило злосторството.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.