Свет
Досега најмал бројот на новозаразени од Ковид-19 во Израел
Бројот на новозаразени од коронавирус во Израел во последните 24 часа е 128 и е најмал во последните девет месеци, објавија израелските медиуми.
Според нив, ширењето на коронавирусот е драстично намалено благодарение на успешната кампања за вакцинација, која почна на 19 декември.
Во Израел 50,7 проценти биле целосно вакцинирани, а 56,1 проценти од населението ја примиле првата доза од вакцината против Ковид-19.
Бројот на сериозно болни пациенти од Ковид-19 постојано се намалува во текот на минатиот месец и се намали од 747 на 459, анализираат медиумите.
Бројот на смртни случаи за еден ден исто така нагло падна.
Израелците го слават еврејскиот празник Пасха од саботата вечерта, а семејствата се собираат оваа година, за разлика од минатогодишниот празник, кога беа во сила строгите ограничувања.
Околу 130.000 од нив ги посетија природните резервати и парковите во неделата, на првиот ден од празникот.
И покрај охрабрувачкиот пад на бројот на пациенти, здравствените власти повикаа на претпазливост предупредувајќи дека децата не биле вакцинирани и дека се потребни повеќе податоци за ширењето на вирусот меѓу вакцинираните лица.
Министерството за здравство размислува дали да се укине обврската за носење маски надвор, но шефот на јавното здравство, Шерон Алрој-Преис, рече дека има можност за зголемување на бројката на новозаразени од коронавирус со оглед на бројот на невакцинирани, вклучувајќи и 2,5 милиона деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Нашата армија не ги закопа Палестинците во масовна гробница во Газа
Телата откриени во масовна гробница во Појасот Газа не биле закопани од израелски војници, туку од Палестинци, соопшти израелската амбасада во Женева.
„Тврдењето дека израелските одбранбени сили (ИДФ) закопале палестински тела е неосновано“, соопшти амбасадата.
„Војниците само ги прегледале телата во гробницата во потрага по израелски заложници, се почитувало достоинството на загинатите, а телата на Палестинците биле вратени на истото место“, се додава во соопштението.
„Прегледот беше извршен внимателно и исклучиво на места каде разузнавачките информации укажуваа на можно присуство на заложници“, соопшти амбасадата.
Палестинскиот тим за цивилна одбрана во Газа извести дека масовна гробница со 283 тела била откриена во близина на болницата Насер во градот Кан Јунис на југот од енклавата.
Според канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк, кој ја повика цивилната одбрана, на некои тела им биле врзани рацете.
Свет
Кина изрази противење на пакетот помош од САД за Тајпеј
Кина е „одлучно против“ на американскиот пакет за безбедносна помош за Тајпеј во износ од над осум милијарди долари, соопшти Канцеларијата за тајвански работи на кинеското Министерство за надворешни работи.
Пекинг ги повика САД да ја исполнат својата обврска да не ја поддржуваат независноста на кинескиот регион Тајван, како и да прекинат со секаков вид негово вооружување, рече портпаролот на Канцеларијата.
Американскиот Сенат усвои нацрт-закон со кој се одобрува пакетот безбедносна помош за Израел, Украина и кинескиот регион Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.
Свет
Стотици мртви во масовни гробници во Газа, меѓу нив жени и стари лица, некои со врзани раце
Палестинските тимови за цивилна заштита започнаа со ексхумација на тела од масовна гробница пред болничкиот комплекс Насер во Кан Јунис минатата недела, откако израелските трупи се повлекоа. Вкупно 310 тела се пронајдени во изминатата недела, од кои 35 пред два дена, соопштија палестинските власти.
„Чувствуваме потреба да алармираме бидејќи се откриени повеќе тела“, рече Равина Шамдасани, портпаролка на Високиот комесаријат за човекови права на ОН. Таа ги опишала телата „закопани длабоко во земјата и покриени со ѓубре“, додавајќи дека „меѓу загинатите наводно има постари лица, жени и ранети“, меѓу кои и некои кои биле врзани и без облека, пишува Гардијан.
„На некои од нив им беа врзани рацете, што секако укажува на сериозни прекршувања на меѓународното право за човекови права и меѓународното хуманитарно право и тие треба да бидат подложени на дополнителни истраги“, рече таа.
Палестинските спасувачки тимови и неколку набљудувачки мисии на ОН, исто така, известија за откривање на повеќе места за масовни гробници во болничкиот комплекс Шифа во градот Газа претходно овој месец, откако израелските копнени трупи се повлекоа по продолжената опсада.
Лекарите кои работат за Лекари без граници опишаа дека израелските сили ја нападнале болницата Насер кон крајот на јануари, пред да се повлечат еден месец подоцна, оставајќи ја установата неспособна да функционира.
Спасувачите продолжуваат да копаат низ песочната почва за да ги ексхумираат телата надвор од болницата. Официјални лица во Газа изјавија дека телата во Насер се на луѓе кои загинале за време на опсадата. Израелската армија во вторникот ги негираше тврдењата за масовни погребувања во болницата.
Израел постојано го обвинува Хамас дека работи во болници и ја користи медицинската инфраструктура како штит, што Хамас го негира. Шефот за права на ОН, исто така, го осуди зголемениот број на израелски воздушни напади што го зафатија северниот, централниот и јужниот дел на Газа во последните денови, вклучително и поморски артилериски оган што погоди згради долж источниот брег на Газа.