Европа
Европската комисија ќе набави и од вакцините на „Модерна“
Европската комисија утре ќе одобри уште еден договор за набавка на 160 милиони дози вакцини од компанијата „Модерна“, објави денеска претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лаен.
„Задоволство ми е да објавам дека утре ќе одобриме нов договор за набавка на уште една вакцина против Ковид-19“, рече Фон дер Лаен.
Ова е шести договор што Комисијата со земјите членки го потпишува со фармацевтски компании за набавка на вакцини против коронавирусот.
Фон дер Лаен рече дека работат на уште еден, седми договор, нагласувајќи дека ЕУ ќе има најголемо портфолио на вакцини во светот, што ќе бидат достапни кога ќе поминат низ процесот на детаљно одобрување од страна на Европската агенција за лекови.
Таа додаде дека вакцината е најефективниот начин да се запре пандемијата и затоа првиот приоритет е бргу да се набават вакцините, а вториот е да се осигури дека вакцината е достапна за сите во светот. Европската Унија веќе даде голем придонес во обезбедувањето доволен број дози вакцини за посиромашните земји.
Американската компанија „Модерна“ минатата недела објави дека експерименталната вакцина, на која работи, е 94,5 проценти ефикасна против Ковид-19. Ова тврдење се заснова на најновите податоци од последната фаза на клиничкото испитување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.