Европа
Еден од најбогатите Руси: Се заканува глобална криза со храна
Војната во Украина е трагедија што мора да се прекине или ќе дојде до глобална прехранбена криза бидејќи цените на ѓубривата се веќе превисоки за многу земјоделци, изјави рускиот крал на јаглен и ѓубрива, Андреј Мелниченко.
Неколку од најбогатите руски бизнисмени веќе јавно повикаа на мир откако претседателот Владимир Путин нареди инвазија на 24 февруари, вклучувајќи ги Михаил Фридман, Пјотр Авен и Олег Дерипаска.
Обединетите нации и нивните европски сојузници ја гледаат инвазијата на Путин како грабеж на земја во империјален стил, која досега беше слабо егзекутирана бидејќи Москва го потцени отпорот на Украина и решителноста да ја казни Русија, анализираат медиумите.
Западот ги замрзна руските државни средства и отсече голем дел од корпоративниот сектор на Русија од глобалната економија санкционирајќи ги руските бизнисмени, вклучително и санкциите на ЕУ против Мелниченко, сето тоа во обид да го принуди Путин да го промени правецот.
„Настаните во Украина се навистина трагични. Итно ни треба мир“, изјави Мелниченко за „Ројтерс“, кој е роден во Русија, чија мајка е Украинка.
„Како Русин по националност, Белорусин по потекло и Украинец по крв, чувствувам голема болка и неверување што сум сведок како братските народи се борат и умираат“, рече Мелниченко во изјавата испратена по е-пошта од неговиот портпарол.
Руската инвазија на Украина уби илјадници луѓе, раселени се повеќе од 2 милиона луѓе и предизвика страв од поширок конфликт меѓу Русија и САД, двете најголеми нуклеарни сили во светот.
Путин вели дека Русите и Украинците се во суштина еден народ и дека е потребна специјална воена операција бидејќи САД ја користеле Украина за да ѝ се закануваат на Русија додека русофонското население било прогонувано во Украина.
„Една од жртвите на оваа криза ќе биде земјоделството и храната“, рече Мелниченко, основач на „Уралхем“, најголемиот руски производител на амониум нитрат со седиште во Цуг, Швајцарија, и СУЕК, најголемиот руски производител на јаглен.
„Ова веќе доведе до скок на цените на ѓубривата, кои веќе не се достапни за земјоделците“, рече тој.
Мелниченко рече дека синџирот на снабдување, кој веќе го наруши Ковид-19, сега е уште посилно нарушен.
„Сега ова ќе предизвика уште поголема инфлација на храната во Европа и веројатно недостиг на храна во најсиромашните земји во светот“, рече тој.
Минатата недела Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) исто така испрати мрачна прогноза велејќи дека ако има големи намалувања во извозот на жито од Украина и Русија и се зголемат цените, бројот на ненахранети луѓе во светот ќе се зголеми за 8 милиони до 2023 година и ќе изнесува 13 милиони доколку конфликтот во Украина трае со месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.