Европа
Експерти: Враќање на коронавирусот – „Имаме совршена комбинација за бура“
Бројот на заболени од Ковид-19 повторно расте во Западна Европа и тоа е идеалната комбинација за „совршена бура“, пишуваат регионалните медиуми.
По повеќе од еден месец опаѓање на случаите низ Европа, во Велика Британија, Франција, Германија, Италија и други земји, бројот на инфекции драстично се зголеми во последните денови.
Во Франција, бројот на новозаразени се зголеми за повеќе од една третина откако владата ги укина повеќето ограничувања минатиот понеделник.
Германската влада одлучи во текот на викендот да ги укине ограничувањата, и покрај новиот рекорден број на инфекции регистрирани во петокот, дури 300.000 лица. Иако голем број германски сојузни покраини имаат слобода сами да воведат ограничувања, повеќето ги задржаа постојните мерки.
Италијанската влада во четвртокот објави дека ќе ги укине речиси сите ограничувања и покрај зголемениот број случаи.
Во Обединетото Кралство, едно од дваесет луѓе во моментов е заразено, но владата во петокот го укина последното ограничување за меѓународно патување.
Иако мерката за задолжителна употреба на маската FFP2 беше укината во Австрија пред само неколку недели, ова правило повторно се воведува поради сè поголемиот број на заразени случаи.
Иако дел од епидемиолозите сметаат дека владите пребрзо ги олабавиле мерките, сепак посочуваат дека наглото зголемување на бројот на заболени се должи на поттипот омикрон БА.2, кој стана доминантен во многу земји.
Се проценува дека БA.2 е околу 30 проценти позаразна од претходната подваријанта БA.1, а бидејќи е потешко да се открие, се нарекува и „скриен омикрон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.