Свет
Експерти на СЗО го посетија пазарот во Вухан
Истражниот тим на СЗО го посети пазарот во Вухан, кој беше дистрибутивен центар за храна за време на заклучувањето од 76 дена минатата година.
Десетчлениот меѓународен тим прошетал низ делови од пазарот за морска храна Бејшажоу, еден од најголемите пазари во Вухан, каде што првично беше откриен вирусот.
За време на обиколката, направена со цел да се најдат некои докази за потеклото на Ковид-19, експертите на СЗО имале голема придружба од кинески официјални претставници. Јавниот пристап до пазарот е ограничен откако властите го затворија на почетокот на минатата година.
Истражниот тим, кој се состои од експерти од областа на ветеринарната медицина, вирусологијата, епидемиологијата, технологијата и безбедноста на храната, во текот на вчерашниот ден, придружувани од поголема група кинески колеги, направиле обиколка и во две болници во кои било жариштето на епидемијата, пренесува АП.
За време на оваа мисија, според агенцијата, придружена со политички притисок поради напорите на Кина да избегне обвинувања за погрешни одлуки во текот на првите денови од епидемијата, членовите на тимот на СЗО вчера посетиле и изложба посветена на избувнувањето на епидемијата на коронавирус.
СЗО претходно објави дека членовите на истражниот тим нема да имаат контакти со локалната заедница поради ризик од ширење на вирусот.
Кинеската влада се залага за теоријата дека епидемијата започнала поради вирус увезен преку замрзната морска храна, но за тоа досега нема основани и валидни докази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пожар во Атина: Се запали станбена зграда, пет противпожарни возила на лице место
Пожар избувна на високо приземје на станбена зграда во атинската населба Ризуполи. Како што јави грчкиот јавен сервис ЕРТ, на лице место излегле 16 пожарникари со пет возила.
Мобилизирани се и два камиони со скали, доколку е потребно да се евакуираат станарите од горните катови.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.