Свет
Ердоган: Сакам нови, мирни односи со Америка
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека се надева оти состанокот со американскиот колега Џо Бајден набргу ќе отвори нова ера во односите меѓу Анкара и Вашингтон, кои се многу напнати од 2016 година.
„Убеден сум дека нашата средба со Бајден на самитот на НАТО на 14 јуни ќе биде најава за нова ера“, рече Ердоган на видеоконференција со шефовите на американски компании.
„Сојузот со САД е важен за нас“, инсистира тој.
Изјавите доаѓаат по години напнатост, која се засили кога претседателот Бајден минатиот месец призна дека Отоманската Империја извршила геноцид врз Ерменците за време на Првата светска војна. Анкара остро ја критикува одлуката. Таа ги признава масакрите, но го отфрла терминот геноцид и ја споменува граѓанската војна во Анадолија со глад кога загинале меѓу 300.000 и 500.000 Ерменци и исто толку Турци.
Односите меѓу Турција и САД, две членки на НАТО, се влошија во 2016 година поради неколку спорови. Вашингтон се налути кога Анкара купи руски ракети „С-400“, па ја исклучи Анкара од програмата за производство на американскиот борбен „авион Ф-35“.
Бидејќи неговата земја сѐ повеќе дипломатски се изолира и се соочува со тешки економски проблеми, Ердоган се обидува да ги смири односите со САД и Европската Унија во надеж дека ќе привлече инвеститори. Турскиот претседател им повтори на шефовите на американските компании дека сака да ја зголеми трговијата меѓу Турција и САД на 100 милијарди долари инсистирајќи на важноста за унапредување на заедничките интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Египет го достави предлогот на Хамас до Израел за едногодишен прекин на огнот во Газа
Египетските власти му доставија на Израел предлог изготвен од Хамас, со кој се бара едногодишен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за радикалните Палестинци да ги запрат нападите врз израелските сили, објави ТВ каналот Ал Хадат со седиште во Дубаи.
Според извештаите, Египет го доставил предлогот на Хамас до израелската делегација. Изворите наведоа дека и Египет презентирал сопствена иницијатива, барајќи од Израел целосно да ја прекине операцијата во градот Рафах на југот на Појасот Газа во близина на египетската граница, пренесе ТАСС.
За возврат, египетските власти ветуваат дека ќе обезбедат „напредок во разговорите“ со радикалните палестински групи за ослободување на израелските заложници што ги држат во Појасот Газа, велат изворите.
На 1 декември 2023 година, израелската армија го обвини Хамас за кршење на примирјето што стапи на сила на 24 ноември и за продолжување на борбените операции во Појасот Газа.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.