Свет
Жената која го обвини Трамп за сексуален напад претстави нови докази пред судот
Самер Зервос, републиканка која го обвини Доналд Трамп за сексуален напад во 2007 година, вчера презентираше нови информации во поднесок до судот со цел да ги потврди своите претходни тврдења, пренесе Си-ен-ен.
Адвокатката Маријан Ванг изјави дека Зервос за наводниот сексуален напад од страна на Трамп веднаш раскажала на членовите на семејството и блиските пријатели. Потоа, во 2011 година, таа се обратила до голем број адвокати и правници, меѓу кои и Глорија Алерд, пишува Ванг во поднесокот.
Во него се приложува и електронска пошта до „Фокс њуз“ од 9 август 2015 година. Во неа Зервос пишува за несоодветното однесување на Трамп.
„Бев во реалното шоу ‘Приправник’. По завршувањето на шоуто, Трамп ме покани во хотелска соба под маска на понуда за работа. Но, тој имаше друга агенда. Ве молам, контактирајте со мене“, напишала таа во пораката до телевизискиот канал.
Самер Зервос на прес-конференција во 2016 година изјави дека Трамп се обидувал да ја наведе да легне во кревет со него, кога се состанале за да разговараат за евентуално вработување.
„Тој ме замоли да седнам до него и послушав. Потоа ме грабна и почна агресивно да ме бакнува и ја стави раката на моите гради“, објасни во таа пригода Зервос.
Трамп во 2016 година луто ги отфрли обвинувањата на голем број жени против него, со образложение дека тие жени се болни, а обвиненијата фабрикувани.
Зервос исто така тврди дека има докази оти заедно со Трамп биле во ист хотел истиот ден, што, пак, категорично е демантирано од канцеларијата на Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Свет
Русија со најава: Ги преместуваме системите „Искандер“ на границата со Финска
Русија најави дека ќе ги премести ракетните системи способни да носат нуклеарно оружје на границата со Финска. Прокремљскиот весник „Известија“ минатата недела објави дека руското Министерство за одбрана формирало посебна ракетна бригада во руската република Карелија со системи „Искандер-М“, кои можат да лансираат конвенционални и нуклеарни ракети.
Русија ја нарече провокативна, одлуката на Финска за влез во НАТО, а потоа и приемот на Шведска. Искандерите се сметаат за централен дел на новоформираниот руски воен округ Ленинград (ЛМД), кој беше создаден како одговор на пристапувањето на Хелсинки во НАТО.
Генерал-мајор Хари Ора-ахо, поранешен директор на финската воена разузнавачка агенција, го коментираше овој потег.
„Ако ова се оствари, нема да промени ништо“, напиша тој на X. „Во секој случај, ние треба да се браниме од ракетите Искандер“, рече тој, додавајќи дека такви проектили веќе се распоредени јужно од Санкт Петербург.
„Оперативно изгледа апсурдно да се приближуваат вакви ракетни системи со долг дострел до нашата граница, тие се лесни цели за нас“, додаде тој.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.