Европа
Жена што побегнала од Мариупол: Таму е пекол
Жителите што побегнаа од опколениот Мариупол изјавија за Си-ен-ен дека условите во градот се неподносливи и дека е како пекол.
Во исто време, украинскиот баталјон „Азов“, екстремно десничарска доброволна пешадиска единица, објави снимки од беспилотни летала, кои ги покажуваат размерите на пустошот во Мариупол, а доцна синоќа беа објавени сателитски снимки од источен Мариупол, на кои се гледаат пожари и уништени згради.
Градските власти денеска соопштија дека речиси 2.000 автомобили го напуштиле градот, а уште 2.000 остануваат паркирани на главниот коридор што може да го напушти градот.
Приближно 2.500 цивили се убиени во Мариупол, проценуваат украинските власти. Околу 350.000 луѓе се заробени во градот, а властите ги предупредуваат оние што останале дека ќе немаат струја, вода или греење.
Две жени, кои успеале да побегнат во областа Запорожје, оддалечена околу 180 километри, раскажале за Си-ен-ен за ситуацијата во Мариупол и, како што рекоа, за застрашувачкото бегство.
Лидија, која од безбедносни причини не сакала да го открие своето презиме, за Си-ен-ен изјавила дека решила да го напушти Мариупол кога бомбите почнале да паѓаат сè поблиску до нејзината куќа.
„Градот го оставивме под гранатирање, во Мариупол нема тишина“, изјавила 34-годишната девојка и додала дека разговарала со соседите, кои денеска останале таму и дека ситуацијата е уште полоша.
Лидија откри дека поминала две недели во подрумот со уште 60-ина луѓе додавајќи дека само повремено излегувала за да си земе работи од своојот стан.
Опишувајќи го патувањето од градот, Лидија рекла: „Неколкупати застанувавме и ги криевме децата бидејќи авионот леташе многу ниско над нас. Се плашевме дека ќе пука во нас. Но, повеќе не беше можно да се остане во градот. Мариупол сега е пекол“, изјавила таа.
Свјетлана за Си-ен-ен изјавила дека се криела во својата куќа со уште 17 луѓе, кои ги пуштила да влезат бидејќи нивните домови биле уништени. Таа рекла дека готвела супа во својата градина користејќи дождовница.
„Кога почна војната, не сакав да заминам. Но, кога гранатите почнаа да ми летаат над главата дење и ноќе, стана неподносливо да се биде таму“, изјавила 57-годишната жена.
„Мојот син остана во Мариупол, многу сум загрижен за него, но тој одлучи да остане. Не можев да го убедам да замине“, рекла таа.
Зборувајќи за условите во Мариупол, Свјетлана рекла: „Во градот има уште многу луѓе. Им кажав на соседите дека е можно да се напушти, но тие се плашеа дека сѐ е минирано“.
„Вчера беше бомбардирана последната самопослуга во градот, се прашувам како луѓето ќе преживеат сега“, рекла таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.