Европа
Забрана за употреба на дронови на протести во Франција
Врховниот управен суд на Франција забрани употреба на беспилотни летала од страна на полицијата за известување за протестите во Париз. Така судот ја поддржа позицијата на групата за заштита на приватноста, пренесува Би-би-си.
Државниот совет рече дека началникот на полицијата во Париз треба да ја прекине употребата на беспилотни летала за надгледување на јавните собири без одлагање. Одлуката беше донесена додека парламентот разгледува контроверзен закон за безбедност, кој вклучува употреба на беспилотни летала од страна на полицијата, а чија цел е регулирање на споделувањето на полициските снимки и фотографии.
Групата за приватност La Quadrature du Net (LQDN) тврди дека мерките предвидени со закон ја нарушуваат слободата на изразување и дека беспилотните летала опремени со камери не може да обезбедат мир, туку да следат лица. Државниот совет донесе одлука дека постои сериозно сомневање во законитоста за употребата на беспилотни летала без првично писмено одобрение.
LQDN наведува дека единствениот начин на кој владата може да ја легализира употребата на беспилотни летала е да обезбеди докази дека такво нешто е потребно за одржување на редот и мирот. Ова е втора одлука по ред во последните неколку месеци со која се спречува употребата на беспилотни летала од страна на полицијата во Париз. Истиот суд донесе одлука во мај дека беспилотните летала не може да се користат за надгледување на почитувањето на мерките за карантин.
Членот 22 од законот за безбедност, кој моментно се наоѓа пред парламентот, предвидува дека на безбедносните сили ќе им биде дозволено да прават и да чуваат фотографии направени од камери на беспилотни летала како дел од можната полициска истрага за 30 или повеќе дена. Контроверзниот закон ги поттикна протестите во целата земја, а јавноста беше особено лута поради членот 24, кој забранува споделување фотографии на полицајци со цел да му наштети на нивниот физички или психолошки интегритет. Критичарите велат дека тоа придонесува за прикривање случаи на полициска бруталност. Владејачката партија на Макрон вети дека ќе го ревидира овој член од законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.