Свет
Захарова со порака до алијансата: НАТО да одлучи дали сака да бидеме пријатели
Земјите членки на НАТО треба да одлучат дали навистина не сакаат да бидат на списокот на непријателски настроени земји во Русија, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, откако лидерите на алијансата од самитот во Брисел ја повикаа Москва да ги отстрани САД и Чешка од таа листа.
„Ако разбрав добро, НАТО изрази желба да станеме пријатели, нели. Логиката е едноставна: барањето за отстранување од списокот со непријателски земји подразбира желба вас да ве сметаме за пријател“, напиша Захарова на својот канал на „Телеграм“.
Таа посочи дека е побарано отстранување од списокот и покрај фактот што членките на НАТО продолжија да ја сметаат Русија за неодговорна и опасна, пренесуваат руските агенции.
„Време е тие да одлучат или да престанат да измислуваат шпионски приказни, кои ги користат како изговор за воведување санкции, или да не бидат изненадени кога ќе се видат на списокот на непријателски земји“, вели Захарова.
Лидерите на земјите членки на НАТО во последната изјава усвоена по самитот истакнаа дека алијансата ќе одговори на растечкиот нуклеарен арсенал на Русија и ја повикаа да го почитува меѓународното право.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Евакуиран хотел во Рим поради отровни испарувања од базенот: пет лица отруени, затворени и околните улици
Најмалку пет лица се повредени во хотел во центарот на Рим, кога дошло до испуштање на штетни испарувања од базенот. Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.
Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.
Повредени се вработените во хотелот, а најмалку 35 лица се евакуирани.
Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи кои биле на појадок.
Отровни испарувања „доаѓале“ од бањата и велнес центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.
Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања биле затворени околните улици.
Регион
Додик повторно во Русија: Имаме притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Москва
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, повторно отпатува во Русија за да ја изрази својата желба за зајакнување на односите со режимот на Владимир Путин, а денеска на средбата со шефот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, тоа го потврди. Додик отпатува за Санкт Петербург, каде ќе учествува на меѓународниот безбедносен форум организиран од руските власти, а таму го однесе и министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, со чија партија е во коалиција на државно ниво.
Како што објави јавниот сервис на Република Српска (РТРС), Додик веднаш се сретнал со Патрушев, кој се смета дека е еден од најблиските соработници на Путин. Двајцата разговараа за соработката меѓу РС и Русија, а Патрушев особено ги пофали добрите лични односи меѓу Додик и Путин.
„Вашите одлични лични односи со претседателот на Русија, Владимир Путин, водат до одлични односи меѓу РС и Руската Федерација“, рече Патрушев на средбата, додавајќи дека е свесен дека РС е под голем притисок поради тоа.
Додик одговори дека нема да го поколебаат притисоците.
„Ние сме под голем притисок, но остануваме посветени на добрите односи со Русија“, рече Додик.
Актуелниот претседател на РС, кој е под санкции на САД и Велика Британија, отпатува во Русија во време кога Босна и Херцеговина се соочува со сериозна политичка криза. Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, во понеделникот предупреди дека односите во владејачката коалиција се „најлоши досега“.
Кризата беше предизвикана од барањето на Додик за укинување на техничките измени на изборниот закон, кои беа наметнати во март од високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит, како и противењето на најавеното усвојување на резолуцијата во Обединетите нации со која би се прогласил 11 јули како ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Поради оваа причина, Додик ги актуелизираше своите закани за независност на РС, и тоа го стори во пресрет на неговото заминување во Русија.
„Не можеме да живееме со оние кои работат против нас. Време е секој да тргне по својот пат“, изјави вчера Додик.
Свет
Драма во Америка: во куќа пронајдени тела на пет лица, меѓу нив и деца
Телата на пет лица, меѓу кои и две деца, се пронајдени во куќа во Оклахома Сити, соопшти денеска американската полиција.
Получникот Гери Најт од полицијата на државата Оклахома изјави дека загинатите биле семејство и дека починале од насилна смрт, пренесува „Ен-би-си њуз“.
Најт додаде дека полицијата сè уште не може да открие што точно откриле инспекторите.
Полицијата беше испратена во дом на 20-ина милји западно од центарот на Оклахома Сити под сомнение дека таму се наоѓаат телата, рече Најт.
Според него, на сите тела имало повреди, кои изгледале како да се работи за убиство.