Свет
Зеленски воведе санкции за 185 комапнии и поединци кои ја поддржуваат Москва
Украинскиот претседател Володимир Зеленски воведе санкции за 185 компании и поединци кои ја поддржуваат руската војна, која трае веќе 12 месеци.
Фирмите и бизнисмените кои превезуваат персонал и воена опрема со железница во име на „државата агресор“ ќе бидат казнети, рече Зеленски во вечерното видео обраќање. Тој додаде дека конфискуваниот имот ќе се користи во корист на украинската одбрана во војната.
На санкционираната листа има 182 компании, меѓу кои и белоруски кои и помагаат на Русија со испораки и три физички лица.
Зеленски, исто така, рече дека Украина работи на тоа и другите земји да ги блокираат средствата на овие компании и поединци. Тој, исто така, им се заблагодари на „сите кои помагаат во зајакнувањето на санкциите против Русија“, како и на истражителите кои откриваат и гонат затајување на руските санкции.
Во градот Костијантиника во регионот Доњецк, во саботата во руски ракетни напади врз станбени згради загинаа три, а беа ранети 14 лица, рече Зеленски.
Говорејќи за изгледите за воена помош од Западот, претседателот нагласи дека на Украина итно и требаат ракети со поголем дострел за да се одвратат таквите напади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ воведе санкции за 30 руски функционери што се сметаат за одговорни за смртта на Алексеј Навални
Земјите од ЕУ ќе воведат санкции против 30 руски функционери поради смртта на водечкиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални“, изјави Жозеп Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пишува „Евроњуз“.
Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во арктичкиот затвор во февруари, каде што беше задржан во тешки услови.
Официјални лица рекоа дека Европската Унија ќе ги следи Соединетите Држави и Велика Британија во наметнувањето забрани за патување и замрзнување на имотот на руските службеници одговорни за третманот на Навални.
Имињата на санкционираните од ЕУ ќе бидат објавени во наредните денови.
Договорот за санкционирање на одговорните за смртта на Навални доаѓа откако рускиот лидер Владимир Путин освои нов шестгодишен мандат на изборите што Западот ги означи како наместени.
Навални стана познат за време на масовните продемократски протести во Русија во 2011-2012 година. На критичарот на Кремљ му беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2018 година поради пресудата за измама што САД и ЕУ ја критикуваа како политички мотивирана.
Свет
Во светот има сè помалку демократија, автократските режими се посилни, покажуваат најновите студии
ОД 2006 година Фондацијата „Бертелсман“ проценува околу 140 земји на секои две години врз основа на тоа дали тие се развиваат кон демократија или автократија. Сегашната студија покажува дека автократиите сега се мнозинство, пишува „Дојче веле“ во анализата.
Според една нова студија, квалитетот на демократијата се влошил во изминатите 20 години во 137 земји, кои може да се опишат како земји во развој или т.н. земји во подем. Според индексот на трансформација на Фондацијата „Бертелсман“, сега имаме 63 демократии наспроти 74 автократии, односно земји во кои нема слободни избори или функционално владеење на правото.
Само во последните две години, обележани со новата геополитичка ситуација, руската агресивна војна против Украина и пандемијата на коронавирусот, изборите во 25 земји беа помалку слободни и фер од порано. Слободата на изразување и слободата на печатот сè повеќе се ограничуваат во 39 земји.
Фондацијата го покани и германскиот канцелар Олаф Шолц на презентацијата на индексот на трансформацијтаа. Со зголемувањето на десничарскиот популизам и во Германија, Шолц рече дека е задоволен што стотици илјади луѓе неодамна излегоа на улиците поради тоа. „Тоа не дојде одозгора или од партиите. Мора да размислуваме за одбрана на демократијата, а тоа не е игра, не се прави на интернет, тоа сме ние. Ние самите мора да ја заштитиме демократијата“, рече тој.
Сабине Донер е една од авторите на студијата. Таа за „Дојче веле“ зборува за ефектот што пандемијата на коронавирусот, со полицискиот час и привременото намалување на граѓанските слободи, го имаше врз демократскиот развој: „Пандемијата беше можност уште повеќе да се ограничат правата и да се концентрира уште поголема моќ на владите. Но, во основа, пандемијата не создаде проблеми што веќе не постоеја“.
Според Фондацијата „Бертелсман“, студијата е најголемото и најсеопфатно истражување од ваков вид. Студијата се заснова на 5.000 страници извештаи за земји, составени од Фондацијата, со помош на 300 експерти, универзитети и тинк-тенкови во речиси 120 земји. Ја испитува состојбата на демократијата, економскиот развој и владините активности. Сите три категории моментно се на историски ниско ниво.
Но, Сабине Донер не сака да очајува и покрај сите негативни извештаи. Таа забележува дека расте свеста во воспоставените демократии дека светот станува сè помалку слободен: „Во последните две-четири години, граѓаните и владите, демократиите, вклучително и кај нас овде во Германија, станаа повнимателни за предизвиците што произлегуваат од автократијата. И овие предизвици се значително посилни отколку пред десет години. Но, мислам дека тоа е наша сопствена вина“, додава таа.
Регион
Тинејџер загина во Будва, со „ситроен“ излетал од патот со двајца патници
Тинејџерот Лазар Ф. (15) загина во неделата во тешка сообраќајна несреќа што се случила во Будва кога автомобилот што го управувал излетал од патот.
Во незгодата се повредени две лица, од кои едното е полнолетно – Ј. М., а другиот е малолетник – М.М.
Повредените веднаш биле префрлени во болницата во Котор.
Во полициското соопштение се наведува дека несреќата се случила во близина на стадионот, кај плажата Јаз, и се додава дека возилото удрило во дрво.
Тинејџерот управувал автомобил „ситроен“ со будвански регистарски таблички.