Европа
Зеленски: Подготвен сум да разговарам со Путин за Донбас и Крим, но со безбедносни гаранции
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за украинскиот медиум „Суспилне“ зборуваше за продолжување на преговорите меѓу Русија и Украина и рече дека резултатите од разговорите ќе треба да бидат потврдени преку референдум.
Во контекст на евентуалниот влез на Украина во НАТО, Зеленски зборуваше и за тоа дали земјата размислува да се откаже од посилна соработка со алијансата.
„На ова прашање би пристапил како кревање тегови. Постојат неколку пристапи. Мислам дека не можеш веднаш да кренеш 200 килограми. Ја имаме тежината на човечките животи пред сè во овој момент. Русија е наш сосед. Има НАТО, има наша желба во Уставот, а има нејаснотии и внатре во НАТО кога станува збор за нашиот влез во алијансата. Треба да најдеме формат во кој ќе го разбереме сето ова“ – рече Зеленски.
Тој рече дека дефинитивно е дојдено време за средба со рускиот лидер Владимир Путин.
„Мислам дека ова е време за моја средба со рускиот претседател. Без тоа, нема целосно да разбереме што се подготвени да направат за да ја запрат војната. Тоа се многу сериозни работи“ – изјави украинскиот лидер во интервју за Суспилне.
Тој нагласува дека Украина не може да ги исполни ултиматумите на Русија за време на преговорите.
„Физички нема да можеме. Изгубивме луѓе. Сите мора да бидеме уништени за да се остварат руските ултиматуми. Ултиматумите се лоша работа бидејќи водат до геноцид и уништување на украинскиот народ. Затоа мора да има дијалог. Ние сме за мир. Колку и да е тешко, подобро е од војна. Во дијалогот може да се најде компромис“ – на ставот е Зеленски.
Меѓу другото, Зеленски зборуваше и за идниот статус на Донбас и Крим.
„Тоа е тешка приказна за сите. За да разговараме за ова, треба да го направиме овој прв чекор кога станува збор за безбедносните гаранции. Во мојата прва средба со Путин, јас сум подготвен да ги покренам овие прашања. Секако, би разговарале и за уставни измени, за измени на законот кога е во прашање гарантирањето на безбедноста“ – посочува Зеленски.
Сепак, тој објаснува дека и граѓаните на Украина ќе имаат улога во одлучувањето.
„Им објаснив на преговарачките групи. Кога зборувате за сите овие промени, тие можат да бидат историски. Народот ќе мора да одговори на одредени формати на компромис“ – рече украинскиот претседател.
Конечно, тој јасно стави до знаење дека Украина не е во војна со Русија и рускиот народ.
„Никој не е во војна со Русија. Тие дојдоа овде и војуваат со Украина, а ние конкретно се бориме против руската армија, војници и офицери. Нашите војници не влегоа на нивна територија и покрај тоа што беше инвазија“ – заклучи Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.