Европа
Зеленски со повик до светот: Придружете ни се, бидете рамо до рамо со нашите војници против Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика луѓето ширум светот да се приклучат во борбата против Русија.
Во изјавата утринава тој ја обвини руската армија за убивање цивили и ги пофали Украинците дека имаат храброст да се бранат.
„Украинците покажаа храброст да ја бранат својата татковина и да ја спасат Европа и нејзините вредности од рускиот напад. Ова не е само руска инвазија на Украина. Ова е почеток на војна против Европа, против европските структури, против демократијата, против основните човекови права, против глобалниот поредок на правото, правилата и мирниот соживот“, рече Зеленски.
Тој потоа им се обрати на сите граѓани на светот, пријатели на Украина, мирот и демократијата.
„Секој кој сака да се приклучи на одбраната на Украина, Европа и светот може да дојде и да се бори рамо до рамо со Украинците против руските воени злосторници“, додаде тој.
Тој рече дека сите оние кои сакаат да им се придружат во борбата против Русија треба да контактираат со одбранбеното аташе во украинските амбасади во нивните земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.
Европа
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.