Европа
Израел ги повикa адолесцентите да се вакцинираат
Израелски здравствени службеници денеска упатија повик, тинејџерите на возраст од 12 до 15 години да се вакцинираат, повикувајќи се на можноста од нови епидемии и новозаразени што се припишува на заразната „делта“ варијанта на коронавирусот.
Израел ја прошири можноста за вакцинирање кај адолесцентите минатиот месец, а бројот на заразени опадна во последните неколку недели.
Од вкупно 9,3 милиони жители, одзивот за вакцинацијата застана на 55 проценти, што укажува на тоа дека возрасната популација во голема мера престанала да се вакцинира.
Но, враќање на Ковид-19, според тамошните медиуми, било забележано во две училишта минатата недела, и тоа придонело за дневно зголемување на позитивната стапка на новозаразени од месечен просек од 0,1 процент на 0,3 проценти во саботата и 0,6 проценти во понеделникот, покажаа податоците на министерството.
Министерството најверојатно ќе издаде препорака за вакцинирање на адолесценти на возраст од 12 до 15 години, рече Нахман Еш, национален координатор за пандемија.
„Мислам дека сигурно би било правилно во оваа фаза, кога ќе видиме избувнување на новата „делта“ варијанта во земјата“, рече тој.
„Не мора да чекаме да се зголемат бројките. Видовме голем број новозаразени деца во текот на изминатата недела“, додаде тој.
Покрај тоа, израелските власти соопштија дека размислуваат за воведување казни за родителите чии невакцинирани деца не одат во самоизолација по пристигнувањето во земјата од странство, како што тоа го налагаaт прописите во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.