Свет
Израел по бомбардирањето: Тел Авив во урнатини, децата сами на улица
Судирите меѓу израелските и палестинските сили продолжија утрово, а по ескалацијата на насилството и крвавите конфликти, Израел прогласи вонредна состојба во градот Лот.
Сирените што предупредуваат на ракетниот напад се огласија во Тел Авив во раните утрински часови, а во градот се слушнале неколку експлозии, само неколку минути откако припадниците на Хамас од Газа рекоа дека лансирале 110 ракети кон Тел Авив како одговор на израелскиот воздушен напад, во кој беше уништен солитер од 13 ката во Газа.
Израел посочува дека нивните авиони собориле и убиле неколку разузнавачки лидери на Хамас рано утрово откако извршија стотици воздушни напади врз Газа.
Палестинските сили потврдија дека лансирале стотици ракети кон Тел Авив по израелскиот воздушен напад во Појасот Газа, а израелската армија соопшти дека ги гаѓале милитантите во Газа како одговор на ракетните напади врз Ерусалим и другите области, пренесува „Ројтерс“.
Една висококатница во Газа беше срушена, а друга беше сериозно оштетена кога беше погодена неколкупати во израелските воздушни напади.
Здравствените власти во Газа потврдија 32 жртви, но радиостаницата поврзана со Хамас подоцна објави дека уште три лица, вклучително и една жена и дете, биле убиени нешто пред два часот по полноќ во израелски воздушен напад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.