Свет
Израел ќе задржи 138 милиони долари од палестинските даноци што ги собира
Тел Авив одлучи да задржи 138 милиони долари од даноците што ги собира во име на Палестина како одмазда за паричната помош што палестинската самоуправа им ја плаќа на семејствата на затворените поради насилни антиизраелски кривични дела, пренесува РТ.
Потегот го најави Кабинетот за безбедност на Израел во неделата откако одлучи да го спроведе законот усвоен од парламентот на земјата во јули минатата година.
Законот му дозволува на Израел да замрзне и да одземе средства од палестинските даночни приходи еднакви на паричната помош што палестинските власти им ја исплаќаат на семејствата на затворените од Тел Авив и на поранешните затвореници.
Минатата година на овие луѓе им биле исплатени 138 милиони долари, според израелските податоци.
Иако Палестина ја смета паричната помош за хуманитарна програма за хероите на својата национална борба, Израел, како и САД, сметаат дека тоа се пари за поттикнување на тероризмот.
И покрај израелскиот потег, палестинските власти се чини дека се одлучни да продолжат со исплатите, осудувајќи ја одлуката на Тел Авив како пиратство и кражба.
„Тоа е обид да се изврши притисок врз нас и да нè уценуваат. Дури и да ни стане само еден долар, ќе им платиме на семејствата на мачениците, на затворениците и на повредените”, изјави Васел Абу Јусеф, претставник на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.
Европа
Столтенберг: НАТО работи на испорака на повеќе „Патриоти“ во Украина
НАТО работи на испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана во Украина, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг, додавајќи дека доцнењето во обезбедувањето таква помош им наштетува на напорите на Киев да се спротивстави на руските напади.
„Собравме податоци за различните системи за противвоздушна одбрана што ги имаме во НАТО и се фокусиравме на системите „Патриот“. И ние работиме со сојузниците за да се осигураме дека тие прераспоредуваат некои од нивните системи во Украина“, изјави тој за новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија.
„Работиме на можноста за испорака на повеќе батерии „Патриот“ за Украина. Водиме дијалог со некои земји“, рече Столтенберг, нарекувајќи го снабдувањето на „Патриотите“ „критично“, бидејќи тоа е најнапредниот одбранбен систем на кој алијансата може да смета.
Столтенберг рече дека други одбранбени системи, вклучително и ракетниот систем земја-воздух НАСАМС, може да и бидат доставени на Украина. Тој додаде дека состанокот на Советот НАТО-Украина ќе се одржи утре и дека се очекува виртуелно да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Охрабрен сум од посветеноста и одлучноста на сојузниците во НАТО да застанат во одбрана на Украина“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека има охрабрувачки знаци дека американскиот Конгрес наскоро би можел да го отклучи пакетот помош од 60,84 милијарди долари за Украина.