Свет
Индиски министер повикува на забрана за исламскиот превез
Министер од индиската држава Утар Прадеш ја разбранува јавноста барајќи забрана за бурката што е дел од традиционалната муслиманска облека за жени, пренесува „Спутник“.
Рагураџ Синг, министер за труд во Утар Прадеш, зборуваше на неделниот настан во Агра кога ја замоли владата да ја забрани бурката, тврдејќи дека муслиманските жени го носат традиционалниот превез бидејќи се потомци на Супранака, митолошки лик во хиндуистичкиот еп „Рамајана“ чиј нос го отсече Лакшман, брат и придружник на господарот Рама, за време на неговото 14-годишно покајување во шумите.
Синг продолжи со своите експлозивни забелешки велејќи дека бурките ги носат терористите за да го прикријат својот идентитет, истовремено посочувајќи на протестите на жените против контроверзниот Закон за државјанство.
Овој закон им доделува државјанство на прогонетите верски малцинства од Авганистан, Бангладеш и Пакистан, кои пристигнале во Индија пред 2015 година, но ги испушта муслиманските имигранти.
„Системот на бурка потекнува од Арапите. Тие го кријат лицето затоа што Лакшман им ги отсече ушите и носот. Тие носат бурка бидејќи се потомци на демонот. Само потомците на демоните можат да носат бурка. Ниту еден обичен човек не може да носи бурка. Исто така, би ја повикал владата да ја забрани бурката бидејќи терористите кои влегуваат во нашата земја носат бурки. Значи, сограѓани мои , ние треба да се обединиме затоа што е неопходно да се отстранат овие силеџии“, рече Синг.
Изјавата предизвика дебата на социјалните мрежи откако неколкумина го поддржаа министерот за забраната, истовремено велејќи дека Индија треба да ги следи стапките на Шри Ланка, каде што има целосна забрана за сите видови превез, вклучително и за бурките.
Сепак, неколкумина останаа вџашени откако индискиот премиер Нарендра Моди прв рече дека оние што поттикнуваат насилство (за време на протести против Законот за државјанството) може да се идентификуваат преку нивната облека.
Ова не е првпат министерот да даде вакви контроверзни изјави. Неодамна тој вети дека ќе ги погребе живи оние што извикуваат пароли против Моди и против началникот на Утар Прадеш, Јоги Адитјанат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Велики четврток.
Аудио обраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата Ворчестер во негово отсуство, поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата Ворчестер, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување, да го следам примерот на Христос „да не ми служат, туку да служам“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам, со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак, поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.
Регион
Полицајци и пожарникари пристигнуваат пред куќата каде што исчезна Данка
Во Бањско Поле во Србија пристигнуваат уште полициски сили и пожарникари во околината на викендичката на семејството Илиќ во близина на која последен пат била видена малата Данка Илиќ по која веќе трет ден се трага.
Покрај пожарникари и полиција, на самото место има и багер, иако сè уште нема официјални информации зошто. Репортерот на српски „Телеграф“ јавува дека полицијата отвора шахти околу куќата на семејството Илиќ.
Како што објави „Телеграф“, полицијата и работниците од ЈКП од утрово го расчистуваат теренот.
Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13.45 часот кога мајка ѝ му давала вода на другото дете.
По девојчето 27 часа трагаа припадници на жандармеријата, полицијата, пожарникари, спасувачи, како и многубројни мештани. По 27 часа, српската полиција го прекина пребарувањето на теренот во Бањско Поле.