Европа
Инстаграмџии се разболеа од токсично езеро во Шпанија
Неколку луѓе во Шпанија пријавиле дека се разболеле по капењето во Монте Неме – токсично езеро во Галиција, северна Шпанија – откако помислиле дека тиркизното езеро е безопасно место за сликање.
Монте Неме е напуштен каменолом, кој бил во употреба од 1975 до 1980 година и некогаш бил поврзан со волфрамски рудник.
Регионот привлекува голем број туристи во текот на годините благодарение на впечатливо сините води на шест такви резервоари. Но, тиркизната боја на водата е всушност резултат на хемиска контаминација.
Некои инстаграмџии се пожалиле на исип и проблеми со стомакот.
„Покрај здравствените проблеми што може да произлезат од рекреативните активности во рударското езеро, постои и безбедносен проблем бидејќи може да дојде до падови, па дури и смртни случаи“, рече Рамон Варела, еколошки новинар и портпарол на „Салвемос Кабана“, здружение за заштита на природното и културното наследство во областа.
Тој рече дека групата побарала од владата на Галиција да воведе мерки за безбедност и да го забрани влезот во областа за да се спречат посериозни несреќи.
Но, освен квалитетот на водата, според Варела, опасност претставува и калта во која луѓето би можеле да се заглават.
Со сличен проблем се соочуваат и инстраграмџиите во Новосибирск во Сибир, каде што токсично тиркизно езеро, кое често се нарекува сибирските Малдиви, предизвикува слични здравствени проблеми.
Сопственикот на индустриската депонија ѝ ја припишува светлосината боја на водата на калциумовите оксиди – супстанции штетни за луѓето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.