Свет
Иран би размислил за преговори со САД само ако се укинат санкциите
Иранскиот министер за разузнавање изјави дека Техеран и Вашингтон би можеле да одржат разговори само ако САД ги укинат санкциите, а Ајатолах Али Каменеи даде одобрување, објави државната новинска агенција ИРНА во четвртокот.
„Одржувањето разговори со Америка може да биде разгледано од страна на Иран само ако (претседателот на САД Доналд) Трамп ги укине санкциите, а нашиот врховен лидер даде дозвола за одржување вакви разговори“, рече Махмуд Алави доцна во средата. „Американците беа исплашени од воената моќ на Иран, тоа е причината поради нивната одлука да ја прекинат одлуката за напад врз Иран“.
Трамп минатиот месец рече дека го откажал воениот напад врз Иран, кој требаше да биде одговор на рушењето на беспилотното американски летало над Ормудскиот Теснец на 20 јуни, бидејќи во истиот би загинале 150 луѓе, укажувајќи дека е отворен за преговори со Техеран.
Техеран рече дека беспилотното летало било застрелан од ирански проектили во иранскиот воздушен простор, додека Вашингтон вели дека леталото било во меѓународниот воздушен простор.
Тензите Техеран и Вашингтон се заострија минатата година, кога Трамп се повлече од нуклеарниот договор склучен во 2015 година со Иран и шест светски сили.
Како реакција на санкциите на САД, кои главно се насочени кон главен ирански прилив на приходи, Иран ги намали своите заложби кон договорот. Во средата земјата соопшти дека ќе го зајакне збогатувањето на ураниумот по 7 јули до она ниво што ѝ е потребно на земјата, а е надвор од ограничувањата на договорот.
Европската Унија побара од Иран да се придржува до условите на договорот, но Техеран соопшти дека нивната посветеност постепено ќе се намалува додека Британија, Франција и Германија не можат да обезбедат финансиска корист од договорот – главниот ирански поттик за потпишување на договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.
Свет
Г7: Ќе ја зајакнеме воздушната одбрана на Украина
Земјите-членки на Г7 се решени да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјавија денеска нивните министри за надворешни работи кои се собраа на состанокот во Капри.
Седум суперсили – Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ – силно ја критикуваат руската инвазија на Украина, која трае повеќе од две години.
Сепак, Киев ги предупредува дека мора да ја сменат стратегијата доколку сакаат Украина да издржи се подеструктивни руски воздушни напади. Русија негира дека мета и се цивилите, но смета дека енергетскиот систем на Украина е легитимна цел. Во овие напади беа убиени стотици цивили.
„Г7 ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина за да спаси животи и да ја заштити критичната инфраструктура“, рекоа министрите за надворешни работи, додавајќи дека ќе ја зголемат одбранбената и безбедносната помош за Киев.
„Ние сме решени да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна помош за Украина и нејзиниот народ“, додаваат тие.
Изјавата беше објавена на крајот од тридневниот министерски состанок во Капри, каде главни теми беа Украина и воените конфликти меѓу Израел и Иран.
Свет
Блинкен остро ја обвини Кина
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја критикуваше поддршката на Кина за руската одбранбена индустрија на италијанскиот остров Капри, велејќи дека Пекинг во моментов е главен снабдувач на Москва со клучни компоненти за оружје за војната во Украина.
Тој рече дека акциите додаваат масло на „најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“.
Говорејќи на прес-конференцијата по повод крајот на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 на италијанскиот остров Капри, Блинкен рече дека Вашингтон многу јасно им ставил до знаење на Пекинг и на другите дека не треба да им помагаат на руските воени напори во Украина.
„Кога станува збор за основите на руската одбранбена индустрија, главниот придонесувач во моментов е Кина. Имаме индикации дека Кина испраќа машински алати, полупроводници и други предмети со двојна употреба за да и помогне на Русија да ги обнови своите одбранбени индустриски залихи“, рече Блинкен.
„Кина не може да ги има и двете. Не може да си го дозволи тоа. Сакате да имате позитивни и пријателски односи со земјите во Европа, а во исто време ја поттикнувате најголемата закана за европската безбедност од крајот на Студената војна“, рече Блинкен.
САД ја предупредуваат Кина да не ги помага воените напори на Москва по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, која дојде само неколку недели откако Русија и Кина прогласија „партнерство без ограничувања“.
Самата германска министерка за надворешни работи Аналена Баербок изрази загриженост за прашањата што ги покрена Блинкен.
„Ако Кина отворено води сè посилно партнерство со Русија, која води нелегална војна против Украина, ние нема да можеме да го прифатиме тоа“, рече Баербок по состанокот со колегите од Г7 во Капри.
Американските власти минатата недела ги информираа новинарите за материјалите што Кина и ги доставува на Русија, вклучувајќи беспилотни летала и ракетна технологија, сателитски снимки и машински алати, кои не се смртоносни оружја, но и помагаат на Русија да ја обнови воената опрема за да ја одржи својата двегодишна војна во Украина.