Свет
Иран гради случај против САД за основање на Исламска држава врз основа на тврдењата од кампањата на Трамп
Техеран планира да го тужи Вашингтон за индиректно учество во двојните терористички напади во Иран минатата година, тврдејќи дека самиот американски претседател во повеќе наврари призна дека САД се одговорни за подемот на терористичката група, пренесува „Раша тидеј“. За време на својата предизборна кампања, Доналд Трамп постојано ја обвинуваше администрацијата на својот претходник – особено противкандидатот на Демократската партија и поранешниот државен секретар Хилари Клинтон – за создавање на Исламска држава.
„Хилари Клинтон ја создаде Исламска држава заедно со Обама”, изјави Трамп пред своите поддржувачи во јануари 2016 година. Во интервју за 60 минути, објавено на 17 јули 2016 година, тој повтори: „Хилари Клинтон ја измисли Исламска држава со својата глупава политика”.
Сега Техеран ја претвора реториката на Трамп во случај против САД, обвинувајќи го Вашингтон за неговата наводна улога во организирањето терористички напади врз иранскиот Парламент и светилиштето на ајатолахот Хомеини во Техеран во јуни 2017 година, за кои одговорноста ја презеде Исламска држава.
„За време на претседателската кампања Трамп јасно зборуваше за работата на својот противкандидат Хилари Клинтон, велејќи дека САД ја создале Исламска држава”, рече во вторникот Аболфазл Абутораби, член на Парламентарната комисија за правда.
Истакнувајќи дека зборот на Трамп како државен лидер е доволно доверлив за да послужи како доказ на суд, Абутораби посочи дека иранскиот парламент одлучил да покрене тужба против Вашингтон пред меѓународниот суд.
„И јавниот обвинител поднесе тужба во врска со ова”, додаде Абутораби, според новинската агенција ФАРС.
Најмалку 17 лица загинаа, а десетици беа повредени во нападите со оружје и бомби во иранскиот парламент и во храмот на ајатолахот Хомеини во Техеран на 7 јуни 2017 година. Според иранското Министерство за разузнавање, петте напаѓачи кои беа неутрализирани од безбедносните сили беа ирански граѓани кои ѝ се приклучиле на Исламска држава во летото 2016 година. Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) ја обвини Саудиска Арабија за планирање на нападите, велејќи дека тие се случиле само една недела по состанокот меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и саудиите лидери кои ги поддржуваат терористите.
Идејата Иран да ги тужи САД за создавање Исламска држава доаѓа помалку од еден месец откако федералниот суд во Њујорк пресуди дека Иран е одговорен за смртта на повеќе од 1 000 луѓе во нападите на 11 септември и му нареди на Техеран да плати повеќе од 6 милијарди долари отштета.
Иран ја отфрли пресудата на судијата Џорџ Даниелс, обвинувајќи го судскиот систем на САД за обиди да ја преработат историјата. Во својот одговор, iранското МНР нагласи дека Иран нема никаква врска со организирање или финансирање на нападите на 11 септември. Претходно, судијата Даниелс донесе пресуди против Иран во 2011 и 2016 година со кои ѝ наложува на Исламската Република да им плати милијарди долари на жртвите на нападите во кои загинаа речиси 3 000 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Си-ен-ен: Сателитските снимки покажуваат дека во Исфахан нема поголеми штети
Според сателитските снимки од вселената до кои ексклузивно дојде Си-ен-ен, се чини дека нема поголема штета во воздушната база која наводно била цел на израелскиот напад во Исфахан.
Сателитски снимки се направени околу 10:18 часот по локално време. Се чини дека нема големи кратери во земјата и нема видливи уништени згради. Меѓутоа, за да се знае со сигурност дали има некаква штета, ќе бидат потребни дополнителни визуелни сателитски снимки, пишува Си-ен-ен.
Сликите не се како обичните сателитски снимки бидејќи се создадени од сателит кој испраќа радарски зраци кои можат да поминат низ облаците, како оние што моментално ги спречуваат сателитите да ја сликаат областа. Овие радарски зраци се одбиваат од објектите на земјата и се враќаат назад кон сателитот.
Иранската новинска агенција ФАРС објави дека една од можните цели бил воен радар во воена база во провинцијата Исфахан, а единствената штета од нападот се скршени прозорци во неколку деловни згради.
Сликите исто така покажуваат дека иранските F-14 Tomcats кои во минатото беа стационирани во воздухопловната база во моментов ги нема. Дополнителни архивски сателитски снимки прегледани од Си-ен-ен покажуваат дека тие F-14 Tomcats не биле таму некое време.
Свет
Ерменија се согласи да му врати на Азербејџан четири села во пограничната област
Портпаролот на азербејџанското Министерство за надворешни работи Ајкан Хаџизада соопшти дека Ерменија се согласила да му врати на Азербејџан четири села кои се наоѓаат на нивната заедничка граница.
„Како резултат на осмиот состанок на државните комисии за демаркација на државната граница меѓу Азербејџан и Ерменија, Ерменија се согласи да врати четири села во Азербејџан кои беа под окупација од почетокот на 1990-тите“, рече Хаџизада на социјалната мрежа Х.
Азербејџанските власти претходно изјавија дека враќањето на селото е неопходен услов за мировен договор што ќе стави крај на тридеценискиот конфликт меѓу двете земји, кои беа дел од Советскиот Сојуз.
Свет
Русија и Јордан предупредуваат на опасност од регионална ескалација
Русија вели дека имала контакт и со Израел и со нејзиниот сојузник Иран. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија јасно му ставила до знаење на Израел дека „Иран не сака ескалација“ како дел од овие разговори.
Јордан, кој ја дели границата со Израел и одигра улога во одбивањето на иранските ракетни и дронови напади минатиот викенд, исто така предупреди на „опасноста од регионална ескалација“ и повика на прекин на израелско-иранската одмазда.
„Ги осудуваме сите дејствија кои се закануваат да го вовлечат регионот во војна“, рече јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади. Низ Персискиот Залив од Иран, Обединетите Арапски Емирати велат дека мора да се најдат значајни решенија за тековните спорови и кризи на Блискиот Исток.
Нејзиното министерство за надворешни работи, исто така, повикува конфликтите да се решаваат преку дијалог и дипломатски канали.