Свет
Иран се закани дека со леснотија може да ги потопи американските бродови во Персискиот Залив
Иран објави дека со леснотија може да ги гаѓа американските воени бродови распоредени во Персискиот Залив на тој начин продолжувајќи ја размената на остри закани на релација Техеран-Вашингтон.
Тензиите меѓу двете земји се зголемија кога Иран минатата недела најави дека ќе почне процес на повлекување од клучните делови на нуклеарниот договор од 2015 година, кој има цел да го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје, а од кој Вашингтон се повлече минатата година.
САД повеќе од една недела посочуваат дека иранските власти и нивните сојузници на Блискиот Исток се подготвуваат за напади врз американските интереси во регионот, па поради тоа таму испратија носач на авиони, бомбардери „Б-52“ и ракетни системи „Патриот“.
„Дури и нашите проектили со краток дострел може со леснотија да стигнат до американските бродови во Персискиот Залив“, рече Мохамед Салех Јокар, висок претставник на елитната Револуционерна гарда, а пренесе новинската агенција „Фарс“.
„Америка не може да си дозволи нова војна, таа земја е во лоша ситуација во однос на работната сила и социјалните услови“, додаде тој.
Закани до САД упатил и генерал-мајор Абдулахим Мусави. „Ако непријателот се прецени и направи стратешка грешка, ќе доживее жесток одговор од кој ќе зажали“, изјавил тој за новинската агенција „Мехр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
Свет
Русија повика на воздржаност помеѓу Израел и Иран
Русија повика на воздржаност по информациите за напад на Израел врз Иран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека Русија ги проучува деталите за нападот и дека ќе го коментира кога ќе се разјасни неговата природа.
„Во секој случај, без разлика на сѐ, продолжуваме да се залагаме за воздржаност од двете страни за да нема дејства што би предизвикале натамошна ескалација на тензиите во регионот“, рече Песков.
Русија и Иран имаат блиско партнерство. За време на инвазијата на Украина, Москва користи беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство.
Свет
(Видео) Туристи малтретирале мечиња за селфи, па ги фатила полиција во Северна Каролина
Во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина, шест лица се снимени како влечат мали мечиња од гранките на дрвото за кои се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестемина ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Кога снимките од инцидентот стигнале до експертите што се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њуз“ рекла дека кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било дадено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не може да се вратат во дивината бидејќи мечките што растат со луѓе потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматско искуство. На луѓето што го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка си, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“, рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од она што го направиле овие луѓе. За сето тоа морало да разговараат и со полицијата.