Свет
Истражување: Пандемијата ги наруши демократските принципи и човековите права во 6 од 10 земји
Од Индија до САД, или од Кина до Бугарија, владите на шест од десет земји на пандемијата на Ковид-19 одговорија со проблематични мерки во однос на почитувањето на човековите права и демократските вредности, предупреди меѓувладината организација International Idea, специјализирана за процена на состојбата на демократијата во светот.
Во извештајот што го опфаќа речиси целиот свет, организацијата International Idea заклучува дека 61 процент од земјите усвоиле мерки што се сметаат за незаконски, непропорционални, без временски ограничувања или непотребни. Демократските принципи и човековите права ги кршат 90 проценти од авторитарните режими, но исто така се забележани прекршувања во 43 проценти од демократиите, вели организација со седиште во Стокхолм.
„Беше предвидливо дека авторитарните режими, кои во својата структура имаат помалку механизми за заштита на демократските и човековите права, ќе настојуваат да ја зголемат својата моќ под изговор дека се борат против пандемијата“, вели генералниот секретар на International Idea, Кевин Касас-Замора.
„Но, изненадува тоа што толку многу демократии донесоа проблематични мерки“, рече тој.
Индија е на првото место на светската ранг-листа на земји што усвоија загрижувачки мерки во 9 од 22 анализирани области (слобода на движење, слобода на изразување, медиуми и сл.) и е пред Алжир и Бангладеш. По нив следуваат Кина, Египет, Малезија и Куба (7 области).
Русија е прва на списокот на европски земји затоа што донесе загрижувачки мерки во шест области и го дели тоа место со уште пет други земји во светот: Саудиска Арабија, Мјанмар, Јордан, Шри Ланка и Зимбабве.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украински дрон удрил во станбена зграда во Белгород, има мртви
Едно лице загина кога украинско беспилотно летало удри во станбена зграда во рускиот град Белгород и одекна силна експлозија, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.
„Повредена е сопругата на починатиот, има расекотини на лицето и површна изгореница на бутот. Екипата за брза помош ја однела жената во регионалната клиничка болница. Како резултат на експлозијата, за жал, еден човек загина“, објави Гладков, а пренесува Риа Новости.
Друг жител со рана од шрапнел сам отишол во градската болница, додаде тој.
Оштетени се прозорците во пет стана, како и автомобил. Оперативните услуги се на лице место.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Регион
Детаљно пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од 4,5 километри во месноста Бањско Поле до градот Бор и не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детаљно пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од 10-ина квадратни километри.