Европа
Во Италија тишината ја прекинуваат само амбулантните возила и црковните ѕвона
Животот во Италија стана непрепознатлив кога во земјата повеќе од 90.000 илјади луѓе беа заразени со Ковид-19 за помалку од осум недели, а за граѓаните воведени се и строги мерки на карантин, кои личат на куќен притвор, со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Италија, европска земја која е најтешко погодена од налетот на новиот вирус, се соочува со невообичаена тишина во своите градови, пусти улици и затворени продавници, бидејќи граѓаните со недели не ги напуштаат своите домови поради строгите карантински мерки воведени од италијанската влада за борба против вирусот.
Баровите и рестораните се затворени, уличниот живот и џагорот на плоштадите се заменети со тешка тишина, туристи нема, а вековните цркви се затворени за јавноста, јавува специјалниот дописник на „Танјуг“ од Италија.
По три недели од изолацијата во домовите, поради строгите мерки пропишани од владата, за граѓаните, дури и одењето во локалниот супермаркет претставува задоволство и прекршување на здодевното секојдневие, кое се повторува од ден на ден. Пред многу продавници се создаваат редови и луѓето чекаат за влез почитувајќи ги правилата за меѓусебна оддалеченост.
Граѓаните сè повеќе се загрижени, веќе не се слушаат песни од прозорците и балконите, тишината ја кршат само сирените на брзата помош, звукот на црковните sвона, а честопати и хеликоптерите, се вели во репортажата на „Танјуг“.
Уличната контрола е засилена, забрането е движење во групи, а сите продавници што не влегуваат во категоријата неопходни, како маркетите за храна и аптеките, се затворени. Од едно домаќинство на пазарање може да оди само едно лице.
Секој ден во 18 часот членовите на семејството се собираат пред малите екрани бидејќи во овој термин италијанската цивилна заштита ја соопштува новата бројка на заразени и мртви од коронавирусот, кој звучи како воен извештај.
Во Италија, земја што има над 60 милиони жители, во моментот се тестираат само оние со симптоми на Ковид-19 затоа што лабораториите не се во состојба да се справат со голем број тестови.
Во земјата со коронавирус досега се инфицирани 97.689 лица, а починаа 10.779.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.