Свет
Канадски експерти со препорака луѓето под 55 години да не се имунизираат со вакцината на „Астра зенека“
Канадскиот национален советодавен одбор за имунизација, кој го надгледува спроведувањето на кампањата за вакцинација против коронавирусот, препорача вакцината од „Астра зенека“ да се прекине и да не им се дава на лица помлади од 55 години и побара нова анализа на ризикот од оваа вакцина заснован врз возраста и полот.
Овој потег доаѓа како резултат на извештаите од Европа за ретки, но сериозни случаи на згрутчување на крвта, крвавење и во некои случаи смрт по вакцинирањето, особено кај помладите жени.
Не се пријавени такви случаи во Канада, а се користени приближно 307.000 дози од вакцината на „Астра зенека“.
„Она што го знаеме е дека постои значителна неизвесност во однос на придобивките од користењето на вакцината на ‘Астра зенека’ против коронавирусот кај луѓе под 55-годишна возраст“, се вели во писмената препорака на НАЦИ.
Постарите лица се изложени на поголем ризик од хоспитализација и смрт поврзани со болеста Ковид-19, а компликациите се чини дека се поретки во оваа возрасна група, така што ним може да им се понуди вакцината, но претходно ако добро се информирани и со нивна согласност, велат независните експерти на НАЦИ.
Водени од овие препораки, одборот на водечки здравствени службеници, кој вклучува регионални и федерални претставници, соопшти дека ќе престане да ја користи вакцината на „Астра зенека“ за лица под 55 години.
Комитетот додаде дека за одлуката се воделе од фактот дека Канада има и на располагање вакцини од други производители, а повеќето администрирани дози доаѓаат од „Фајзер“ и „Модерна“.
Речиси 11,8 проценти од Канаѓаните примиле барем една доза од вакцината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.