Свет
Ким Џонг-ун ги забрани фармерките, странските филмови и сленгот
Северна Кореја неодамна воведе нов закон со кој се обидува да се потисне какво било странско влијание, строго казнувајќи ги сите оние што кај себе имаат странски филмови, странска облека или ако зборуваат на сленг.
Севернокорејката Јун Ми-со раскажала за Би-би-си дека кога имала 11 години првпат видела како властите егзекутираат човек, бидејќи тој имал јужнокорејска драма со него. Неговата егзекуција морала да ја следи целото соседство.
„ Ако не, тоа ќе се сметаше за предавство“, изјави таа за Би-би-си.
„ Никогаш нема да го заборавам тоа. Сè уште ги гледам неговите солзи како течат. Тие му ги врзаа очите, но завојот беше целосно натопен со солзи. Тоа беше трауматично за мене. Го ставија на клада и го врзаа, а потоа го застрелаа”, додаде таа.
Замислете дека сте во постојана блокада, без интернет, без социјални медиуми и со само неколку телевизиски канали кои се под строга контрола на државата – тоа е животот во Северна Кореја, пишува Би-би-си.
И сега лидерот на таа земја одлучи да отиде чекор подалеку и воведе нов закон против таканаречената „реакционерна мисла“. Секој што е фатен со голема количина видеоматеријал од Јужна Кореја, САД или Јапонија се соочува со смртна казна, а оние што гледаат такви снимки се соочуваат со затворска казна од 15 години.
Неодамна, Џонг-ун напиша порака преку државните медиуми во која ја повика Младинската лига да преземе нешто против „индивидуалистичкото, антисоцијалистичко однесување“ меѓу младите. Сега сака да ја спречи употребата на странски изрази, фризури и облека за кои рече дека се „опасни отрови“.
Политичките аналитичари сметаат дека севернокорејскиот лидер се обидува да ги запре надворешните информации што доаѓаат до луѓето во Северна Кореја, бидејќи животот во земјата станува сè потежок. Тие веруваат дека милиони луѓе гладуваат, а Џонг-ун ги храни сè построго со државната пропаганда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 130 лица беа приведени во Њујорк по антиизраелските студентски демонстрации
Повеќе од 130 лица се приведени во текот на ноќта во Њујорк пред просториите на Универзитетот NYU, по пропалестинските студентски демонстрации, соопшти вечерва полицијата.
Њујоршката полиција за Франс прес прецизира дека сите приведени лица, од кои точно 133, потоа биле ослободени.
Полицијата додаде дека добила покана од администрацијата на Универзитетот во Њујорк да интервенира и да ги евакуира демонстрантите.
„Доколку одбијат да заминат, бараме од NYPD да преземе мерки, вклучително и апсење доколку е потребно“, се вели во писмото на Универзитетот до полицијата.
Студентите во САД во последниве денови организираа демонстрации и митинзи за ставање крај на војната во Појасот Газа.
Околу 100 пропалестински студенти веќе беа уапсени минатата недела на Универзитетот Колумбија, исто така во Њујорк. И во тој случај управата на универзитетот побарала интервенција на полицијата.
Неколку јавни личности, вклучително и претставници на американскиот Конгрес, оценија дека тие студентски собири поттикнуваат антисемитизам.
Свет
Хезболах го нападна северниот дел на Израел со беспилотни летала
ЛибанскиХезболах соопшти дека извршил напад со беспилотни летала врз израелските воени бази северно од градот Акра, во најдлабокиот напад на израелска територија од почетокот на војната во Газа.
Израелската војска соопшти дека нема сознанија за некој од нејзините објекти погодени од Хезболах, но претходно соопшти дека пресретнала две „воздушни цели“ во близина на северниот брег на Израел.
Двете страни редовно разменуваат ракетни и воздушни напади од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, но се воздржуваат од отворена војна. Сепак, со оглед на честите напади, постојат стравувања дека несреќа или погрешна проценка на која било страна може да доведе до брза ескалација на конфликтот, како и до потенцијално вклучување на други регионални и светски сили, вклучително и САД.
Хезболах вели дека нападот е одмазда за претходниот израелски напад во кој загина еден од нивните борци. Групата објави сателитска снимка со локацијата на нападот на половина пат помеѓу Акра и Нахарија на север. На едно видео е видливо и како израелската воздушна одбрана ги пресретнува беспилотните летала.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони одговориле со гаѓање воени цели во областа Маркаб во јужен Либан.
Најмалку две лица загинаа, а уште шест се повредени откако израелски воздушен напад погоди станбена област во јужниот либански град Ханин, објави во вторникот официјалната либанска новинска агенција NNA.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.