Свет
Кина му ја честита победата на Бајден по една недела
Кинеското Министерство за надворешни работи им ја честита победата на претседателските избори во Америка на избраниот претседател на САД, Џозеф Бајден, и на потпретседателката Камала Харис, а која кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп, одби да ја признае.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави дека Кина го почитува изборот на Американците.
„Честитки за господинот Бајден и г-ѓа Харис“, рече Ванг.
Според Ванг, Кина знае дека резултатите од претседателските избори во САД ќе бидат утврдени во согласност со американските закони и процедури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.
Свет
Бран насилство на Хаити, илјадници мртви, премиерот поднесе оставка
Премиерот на Хаити Ариел Хенри официјално поднесе оставка од сегашната функција, соопшти денеска неговиот кабинет, а во меѓувреме земјата ќе ја води преоден совет кој се обидува да го врати мирот во земјата среде пустошот предизвикан од широкото насилство на бројни банди.
Министерот за финансии Патрик Бојсверт привремено ќе ја извршува функцијата премиер, објавено е во официјалниот национален весник.
Во писмото од средата, кое беше објавено денеска на социјалните мрежи, Хенри напиша дека неговата администрација „и служела на нацијата во тешки времиња“.
Владата во заминување на Хаити го официјализираше процесот на транзиција пред две недели, еден месец откако Хенри ја објави својата оставка додека беше надвор од земјата, бидејќи вооружените банди се заканија дека ќе го заземат главниот град.
Насилството од бројни банди, кое со години се влошуваше, ескалира на почетокот на оваа година.
Според неодамнешните податоци на Канцеларијата на Обединетите нации на Хаити (БИНУХ) од јануари до март оваа година загинале или се ранети повеќе од 2.500 луѓе, што е за 53 отсто повеќе отколку во последните три месеци од 2023 година.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.