Свет
Кинезите имаат рецепт за борба против коронавирус, сè повеќе излекувани ги напуштаат болниците
По вчерашниот благ скок, бројот на заразени и починати од вирусот во Кина денеска продолжи да опаѓа. Во претходниот ден во оваа земја забележани се нови 15 случаи на заразата, а 11 починале. Од болница досега излегле 62.887 луѓе ширум Кина. Животот почна да се враќа во нормала и во најтешко погодениот град Вухан.
Хотелот „Синџија“ во источниот кинески град Ѓунџоу, кој беше во карантин поради коронавирусот, требаше да биде безбеден покрив за 72 луѓе. Но, зградата се урна во саботата усмртувајќи најмалку 20 луѓе. Кога исчезнаа сите надежи дека има уште преживеани, спасувачите по речиси 70 часа слушнале човек кој бара помош под урнатините. Извлечен е жив и сместен во болница.
Вести за преживеани последниот месец доаѓаат од Кина почесто отколку кога било, 62.000 луѓе во оваа земја го победија коронавирусот. Во Вухан се затворени сите 16 привремени болници за лекување на заразени од новиот вирус. Стадионот Вучанг Хонгшан во Вухан на 5 февруари беше претворен во болница за речиси 800 кревети и прими над 1.100 пациенти.
„Закрепнавме благодарение на внимателната грижа на персоналот. Сакам да ги повикам медицинските работници да дојдат во Вухан повторно како наши драги гости, без маски и заштитни одела, да се облечат во тоа во што се чувствуваат убаво“, рекол излекуван пациент Вен Чангпинг.
Во привремената болница Вучанг работеа лекари и техничари од цела Кина.
По 26 дена непрекината работа, дојде време да се затвори уште една, последна привремена болница во Вухан. Пружајќи третмани на кинеската традиционална медицина, привремената болница Ѓијангси, сместена во спортскиот центар, прими повеќе од 560 пациенти. За оние кои работеле непрекинато борејќи се со вирусот, ова е момент на големо олеснување.
„Многу сум возбуден. Пуштени сме од болница, што значи дека можеме да одиме дома. Не сум бил дома повеќе од еден месец“, рекол еден возач на автобус.
Привремените болници во Вухан примија вкупно 13.000 пациенти, а повеќе од половина досега го победиле вирусот и заминале дома. За останатите, борбата сè уште трае.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
Свет
Русија повика на воздржаност помеѓу Израел и Иран
Русија повика на воздржаност по информациите за напад на Израел врз Иран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека Русија ги проучува деталите за нападот и дека ќе го коментира кога ќе се разјасни неговата природа.
„Во секој случај, без разлика на сѐ, продолжуваме да се залагаме за воздржаност од двете страни за да нема дејства што би предизвикале натамошна ескалација на тензиите во регионот“, рече Песков.
Русија и Иран имаат блиско партнерство. За време на инвазијата на Украина, Москва користи беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство.
Свет
(Видео) Туристи малтретирале мечиња за селфи, па ги фатила полиција во Северна Каролина
Во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина, шест лица се снимени како влечат мали мечиња од гранките на дрвото за кои се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестемина ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Кога снимките од инцидентот стигнале до експертите што се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њуз“ рекла дека кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било дадено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не може да се вратат во дивината бидејќи мечките што растат со луѓе потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматско искуство. На луѓето што го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка си, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“, рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од она што го направиле овие луѓе. За сето тоа морало да разговараат и со полицијата.