Свет
Кинески брод насочил ласер кон австралиски воен авион
Брод на кинеската морнарица насочил ласер кон австралиски воен авион кој летал над северните приоди кон Австралија, потенцијално загрозувајќи човечки животи, соопшти денеска австралиското Министерство за одбрана.
Авионот на морнарицата P-8A Poseidon откри ласер кој бил емитуван од бродот на морнарицата на Народноослободителната војска на Кина, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана на Австралија, пренесува Ројтерс.
„Ласерското осветлување на авион од кинески брод е сериозен безбедносен инцидент. Ваквите активности имаат потенцијал да загрозат човечки животи. Силно го осудуваме непрофесионалното и небезбедно воено однесување“, соопшти австралиското Министерство.
Во моментот на инцидентот, кинескиот воен брод пловел кон исток заедно со друг брод PLA-N низ Арафурското Море, меѓу северниот брег на Австралија и јужниот брег на Нова Гвинеја, соопшти Министерството.
Министерството за одбрана соопшти дека двата брода во меѓувреме поминале низ Торесовиот теснец и впловиле во Коралното Море.
Односите меѓу Австралија и Кина, најголемиот трговски партнер на Австралија, се влошија откако Канбера во 2018 година го избрка Huawei од својата широкопојасна мрежа 5G, ги заостри законите против странско политичко мешање и повика на независна истрага за потеклото на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.
Свет
Апсења во Пакистан по снимка во која брат ја убива сестрата, таткото гледал сè
Пакистанската полиција уапси татко и брат откога видеото од провинцијата Пенџаб, на кое брат ја дави својата сестра додека таткото гледа, стана вирална, соопштија официјални лица.
Настанот предизвика шок и бес во нацијата, која се бори со бранот насилство врз жените. 22-годишна девојка била убиена од својот брат додека таткото гледал, а непознато трето лице го снимило злосторството, изјави за ДПА претставникот на локалната полиција, Рана Акмал.
Инцидентот се случил во градот Тоба Тек Синг минатата недела. Семејството ја закопало жената тврдејќи дека умрела од колера.
И таткото и братот ѝ кажале на полицијата дека со години ја силувале жената и ја убиле за да го скријат своето злосторство, изјави полицискиот службеник Мохамед Имран.
Се спроведуваат рации за апсење на лицето, кое наводно го снимило злосторството.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.