Свет
Курц: Не сум робот, туку човек со грешки и мани
Лидерот на Австриската народна партија (ОВП), Себастијан Курц, кој поднесе оставка на функцијата канцелар поради истрагата против него и луѓето блиски до него поради корупција и поткуп, рече дека не е робот, туку човечко суштество со грешки и мани.
Утрово, Курц им се обрати на граѓаните со видеопорака и рече дека во оптек има многу СМС-пораки што тој не ги напишал.
Но, кога станува збор за пораките што ги напишал, тој рече дека не е робот, туку човек со грешки и емоции и дека денеска не би напишал некои формулации што ги составил тогаш.
Тој посочи дека се извинил за тие пораки и дека се кае за нив.
Сепак, тој нагласува дека СМС-пораките не се и немаат никаква врска со какво било криминално дело и намерно се објавени во јавноста за да му наштетат на ОВП и нему лично.
Курц побара да се направи јасна разлика помеѓу текстуални пораки и обвиненија поврзани со злосторството.
Кога станува збор за кривични дела, тој вели дека никогаш не направил ништо во целиот свој живот и вети дека како шеф на парламентарниот клуб ОВП, ќе го даде својот придонес и ќе ја поддржи владата.
„Јас не сум канцелар во сенка“, повтори Курц во пораката до граѓаните.
Тој посочи дека постои стабилна влада и дека граѓаните на Австрија тоа го заслужуваат.
Курц повтори дека спречил коалиција од четири опозициски партии ослободувајќи ја својата позиција и овозможувајќи му на Александар Шаленберг да стане канцелар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лојд Остин: Нема да дозволиме Украина да пропадне
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина изјави дека Вашингтон нема да дозволи Украина да пропадне.
„САД нема да дозволат Украина да пропадне. Оваа коалиција нема да дозволи Украина да пропадне“, рече Остин на почетокот на состанокот на претставниците на 50-те земји, кои обезбедуваат воена помош за Украина, пренесува „Ројтерс“.
Средбата се одржува во американската воена база во Рајмштајн, Германија.
Свет
ЕУ воведе санкции за 30 руски функционери што се сметаат за одговорни за смртта на Алексеј Навални
Земјите од ЕУ ќе воведат санкции против 30 руски функционери поради смртта на водечкиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални“, изјави Жозеп Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пишува „Евроњуз“.
Навални, најистакнатиот руски опозициски лидер, почина во арктичкиот затвор во февруари, каде што беше задржан во тешки услови.
Официјални лица рекоа дека Европската Унија ќе ги следи Соединетите Држави и Велика Британија во наметнувањето забрани за патување и замрзнување на имотот на руските службеници одговорни за третманот на Навални.
Имињата на санкционираните од ЕУ ќе бидат објавени во наредните денови.
Договорот за санкционирање на одговорните за смртта на Навални доаѓа откако рускиот лидер Владимир Путин освои нов шестгодишен мандат на изборите што Западот ги означи како наместени.
Навални стана познат за време на масовните продемократски протести во Русија во 2011-2012 година. На критичарот на Кремљ му беше забрането да се кандидира на претседателските избори во 2018 година поради пресудата за измама што САД и ЕУ ја критикуваа како политички мотивирана.
Свет
Во светот има сè помалку демократија, автократските режими се посилни, покажуваат најновите студии
ОД 2006 година Фондацијата „Бертелсман“ проценува околу 140 земји на секои две години врз основа на тоа дали тие се развиваат кон демократија или автократија. Сегашната студија покажува дека автократиите сега се мнозинство, пишува „Дојче веле“ во анализата.
Според една нова студија, квалитетот на демократијата се влошил во изминатите 20 години во 137 земји, кои може да се опишат како земји во развој или т.н. земји во подем. Според индексот на трансформација на Фондацијата „Бертелсман“, сега имаме 63 демократии наспроти 74 автократии, односно земји во кои нема слободни избори или функционално владеење на правото.
Само во последните две години, обележани со новата геополитичка ситуација, руската агресивна војна против Украина и пандемијата на коронавирусот, изборите во 25 земји беа помалку слободни и фер од порано. Слободата на изразување и слободата на печатот сè повеќе се ограничуваат во 39 земји.
Фондацијата го покани и германскиот канцелар Олаф Шолц на презентацијата на индексот на трансформацијтаа. Со зголемувањето на десничарскиот популизам и во Германија, Шолц рече дека е задоволен што стотици илјади луѓе неодамна излегоа на улиците поради тоа. „Тоа не дојде одозгора или од партиите. Мора да размислуваме за одбрана на демократијата, а тоа не е игра, не се прави на интернет, тоа сме ние. Ние самите мора да ја заштитиме демократијата“, рече тој.
Сабине Донер е една од авторите на студијата. Таа за „Дојче веле“ зборува за ефектот што пандемијата на коронавирусот, со полицискиот час и привременото намалување на граѓанските слободи, го имаше врз демократскиот развој: „Пандемијата беше можност уште повеќе да се ограничат правата и да се концентрира уште поголема моќ на владите. Но, во основа, пандемијата не создаде проблеми што веќе не постоеја“.
Според Фондацијата „Бертелсман“, студијата е најголемото и најсеопфатно истражување од ваков вид. Студијата се заснова на 5.000 страници извештаи за земји, составени од Фондацијата, со помош на 300 експерти, универзитети и тинк-тенкови во речиси 120 земји. Ја испитува состојбата на демократијата, економскиот развој и владините активности. Сите три категории моментно се на историски ниско ниво.
Но, Сабине Донер не сака да очајува и покрај сите негативни извештаи. Таа забележува дека расте свеста во воспоставените демократии дека светот станува сè помалку слободен: „Во последните две-четири години, граѓаните и владите, демократиите, вклучително и кај нас овде во Германија, станаа повнимателни за предизвиците што произлегуваат од автократијата. И овие предизвици се значително посилни отколку пред десет години. Но, мислам дека тоа е наша сопствена вина“, додава таа.